Нов видео запис на Стефанија за песната
„Едно моме“ е нова песна на Стефанија. Истата е дел од албумот „Девојчето со долгата коса“ 2023, кој неодамна беше промовиран во Анастасија Центар од Битола, во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World.
Стилот на песната „Едно моме” е современ синт поп со етно-џез примеси. Таа е авторска музика и текст на Стефанија. Снимана е во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World. Микс на демо направи Петар Димитровски, а нов микс и мастеринг доработи Владимир Аговски.
Гости во маестралниот хит,, Едно моме” се Владимир Николиќ на труба и Владимир Враниќ на гитара.
Видеото го сними Владимир Бошковски, а видео монтажата ја изработи Стефанија.
Аудио и видео продукција е на Welcome to Stefanija’s Music World. Во видео записот е вклучено делото насловено „Ден без дожд“ на уметницата Бојана Артиновска.
Дел од видео записот на песната е снимен на познатите „Диховски капејнци“.
Целта, како што велат, е да се пренесе поврзаност, почит и восхит кон природата. Да се пренесе инспирацијата која ја добиваат битолчаните од убавините на планината Баба.
Опеано е тоа моме или девојче кое сака да споделува љубов и среќа. Да помага на другите и да биде вистински поврзано со својата душа, давајќи акцент на природната убавина.
Стефанија, на промоцијата, ја долови целта на самиот албум.
„Девојчето со долгата коса“ е всушност таа. Малото девојче кое од дете расте и се развива на сцена. Се пронаоѓа и прераснува во свесна личност. Потоа повторно се враќа на основните и суштински детски потреби, односно вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Се открива себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност. Албумот е како една автобиографска музичка приказна која пренесува пораки и сите песни се поврзани една со друга. Овој видео запис е прв од низата видео записи кои следуваат наскоро. Уживајте.