Кога ќе се ослободиш од сите драгони – Почнуваш да живееш!

Драгони

Драгони, Демони, Пандорина кутија, Ниски страсти, Стравови? Која е пораката? Како да се ослободиме, кога не ни знаеме кои се? Што порачуваат филозофиите за добар живот низ вековите?

Кога ќе се ослободиш од сите драгони- почнуваш да живееш!

Ќе цитирам Библиска мудрост: „На почетокот беше мисла, па стана реч, рече Бог и би така“. Многу често се радуваме на позитивни, ведри, храбри личности и се прашуваме како го постигнале тоа. Вообичаено, истите тие личности се и доста успешни во тоа што го прават, имаат позитивна енергија во своите семејства и со своите деца. Релаксирани се и финансиски, уживаат некоја комоција, а луѓето едноставно ги обожаваат. Нели се вели, тоа се природни лидери. A некои ги нарекуваат и слободни ѕидари (се мисли личности кои ѕидаат добри дела во општеството, во своето опкружување).

Има едно друго убедување, кое секако дека секој по свое видување си го прифаќа или не… Убедување дека нашите мисли и она што го зборуваме се кодови во универзумот, како си зборуваме со универзумот- односно нашите мисли, зборови (стравови, молитви или желби) се кодовите по кои универзумот не следи и ни удоволува.

Драгони

„Какви ти се мислите- таков ти е животот“, нели и ова не става на еден внатрешен, сопствен испит, што тоа треба да значи?

Ќе се обидам да ја протолкувам првата мисла од оваа колумна, дека треба да се ослободиме од сите драгони, демони… Пандорина кутија, ниски страсти, или стравови – тоа не се реaлни, сликовити суштества, тоа се нашите внатрешни немири… Нашите внатрешни сили, начинот на кој го гледаме, примаме, сакаме животот… Или уште поконкретно, која наша страна ја храниме за да стане доминантна? Нашата слаба страна која страхува или нашата храбра страна која има сила да влече кон добра иднина? Како најголема закана од сите овие наброените е стравот. Ако го храниме стравот, тогаш лесно потпаѓаме кон пороци, бегство, емотивна нестабилност, збунетост.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ ОВА ОПШТЕСТВО СО СИТЕ СВОИ НЕДОСТАТОЦИ ДА ВЕ ЗБУНИ, СПРОТИВСТАВЕТЕ СЕ СО ДОБРИНА, ЉУБОВ И ХРАБРОСТ!

На крај ова е вашиот еден живот, на оваа единствена планета, во ова единствено ваше време, тогаш зошто да се плашиме и паѓаме. Кога ќе се ослободиш од сите драгони- почнуваш да живееш!

ЗАБРАНЕТО ПАЃАЊЕ ДЕЧКИ!

Најголемите стравови воопшто се „Дали ќе успеам“ и стравот од смртта – односно две неизвесни и непознати работи.

Еднаш, во моите млади години, кога ја сфатив пораката дека на еден човек му е потребно комплетно ослободување од сопствените стравови. Со извикување реков: „И погледнав на смртта во очи и и реков дојди кога сакаш, а сега пушти ме да си живеам“.

Фактите дека постои неизвесното и дека ќе се случуваат процеси на кои ние не можеме да влијаеме апсолутно – се точни. Но, затоа пак, ја имаме таа шанса и моќ да можеме да менуваме. Да се осознаваме, да стануваме свесни, да стануваме храбри, смели, да им се спротивставиме на стравовите. И да, да живееме удобен живот кој самите ние ќе го создадеме. Да создадеме околина во која ќе ни биде добро, живот кој со ќејф ќе биде со наш печат. Без дeмони, без драгони.

Мериме е мажена муслиманка. И покрај напредокот и отвореноста во светот, иако е многу успешна, веќе стигна да запишува докторат и упорно се бори да отвори своја лабораторија, е назадувана од сопствените родители и родителите на сопругот, дека за жена не се толку јавни работи. Дека треба да мисли на семејството.

Вели: „Не е време за моите желби“. Иако е упорна, нејзиниот страв од што ќе речат нејзините и ја убива упорноста, и создава страв. Велам: „Мериме, ајде да ја смениме реториката. Наместо да кажеш сега не е време, почни да велиш – Мојата лабораторија ќе се случи за пет години. Да му дадеме шанса на универзумот да го проектира кодот. А ти да се справиш со сите твои стравови и убедувања. Ќе се растеретиш. А со тоа и ќе ти се насмее лицето“. Мериме започна да функционира. Создаде стратегија и план и верувам дека ќе и се остварат желбите и амбициите. Го победивме стравот. Ги победивме сите тие измислени драгони.

Секој човек ако се обиде да си ги промени мислите, ја промени реториката, за истата работа за која страхува само ги преврти на добро, даде време, направи план, наместо да страхува, ќе се радува и нештата ќе му се остварат.

Будејќи ја нашата свесност, спротивставувајќи им се на страхувањата, ние ја јакнеме нашата визија за иднината. И така, започнуваме со планирање на успехот и доаѓаат и остварувањата. Или како што милувам да речам… Ние го дизајнираме нашиот внатрешен инженеринг. Колку порано се осознаеме, толку подолго ќе ни биде удобно и добро.

Васко е млад дечко, се чувствува осамено. Неколку љубовни врски му се промашени и страхува од следна врска. Правеше избор на девојки кои вложуваа во своите тела и изглед. Искусни девојки за кои сексот е забава и од нив сакаше да создаде домаќинки. Можно ли е? Сеуште не ја гледа реалната слика, не им го разбира концептот за живот. Добро е ако му успее. Но, засега е во разочарување. Неговите очекувања станаа фрустрации.

Вели: „голема казна би било да имаш грда жена“. Се прашувам има ли грда жена? Или има ли грд маж? За секого има некој кој смета дека таа/тој е најубава/најубав. Младиот човек размислува на првото ниво на привлечност, на страста, а што потоа? Ќе страхуваме од следни порази? Ајде да се соочиме со фрустрацијата и да се менуваме. Да ја согледаме реалноста и да правиме избор според нашите убедувања и потреби.

Ниските страсти лесно се надминуваат, со некои моменти, но, потребно е да ги избришеме нереалните очекувања.

Драгољуб, дечко од сиромашна средина, има огромна желба да се извлече од сиромаштијата. Првото нешто на кое се навлече беше да игра спортска прогноза, да типува… И оние малку пари кои ги заработува заминуваат веднаш. Драгољуб често останува гладен, а и почна ретко да излегува, си го зароби животот. Стравот од беспарица само го вовлече во долгови. Се навлече на кредити од финансиските друштва, а почна да бара и можности за „лесни брзи пари“… Што само го одвлекува од реалноста, и му одзема време. Во ова време секој може да најде работа и да заработува и двојно доколку биде ангажиран на додатни места. Со тоа, ќе расте и неговата репутација, а и неговата цена, а долговите нема да се долгови веќе.

Еден млад човек е пред многу предизвици, и потребна му е голема поддршка. Огромна енергија да се совлада самиот себе… Своите стравови и да создаде од себе човек со кој тој самиот ќе се гордее. А, можно е, на многумина им успеа, а голем број од нив и ги познавате… Сигурно ги има и во вашата околина…