Решивме да си веруваме – Довербата е одлука! – Колумна на Клаудија Лутовска

Решивме да си веруваме – Довербата е одлука

Изборот е наш. Ако избереме да веруваме – стануваме оптимисти, ако избереме да не веруваме- стануваме скептични... Довербата е одлука!

Клаудија Лутовска

Сите ја знаеме пораката за чашата која е полу-полна или полу-празна. Како ја гледате, такви ви се мислите. Оној кој гледа дека чашата е полу – полна се радува што во неа има доволно вода, може да се изгаси жедта. Оној кој ја гледа полу – празна, е скептичен дали може да се изгаси жед, кога нема доволно.

„Ако човек се запознае себе си – би се исплашил“, според ова, ние и самите не се познаваме доволно, не ги знаеме нашите реакции во некоја ситуација, дури сме и изненадени од сопствените во дадена ситуација.

„Кога цедите портокал, што излегува од него? Сок од портокал? Да, но ако портокалот е гнил- сокот кој ќе го исцедиме е гнил исто така.“

довербата

Под притисок, во дадена ситуација од нас излегува она што е внатре во нас. Па како да се себе поправиме? Да ги пречекаме тешките ситуации и од нас да не излезе гнил сок, туку да го дадеме и во најтешкото – најдоброто од себе.

Тоа е и поентата зошто треба да си веруваме пред се прво сами на себе, да се одработиме себе си, и подготвиме да бидеме божествени. Смирени, со самодоверба, исполнети со себе – сакање и да зрачиме кон околината, да привлекуваме чистота и добрина.

Од каде да се започне?

Првиот чекор почнува со Јас можам, Јас сакам, јас учам, јас знам, јас се трудам, јас размислувам, јас истражувам… Јас сум убав/а, јас сум сакан/а, јас сум успешен/на… Има толку многу „јас“ за почеток на вербата и довербата. Едно бебе, беспомошно, ако го оставиме и не му посветуваме внимание, ќе застане и самото на ноџиња и ќе прооди – затоа што во таа фаза нема стравови, никој не го притиснал и не го кодирал да ја сфати моќта на стравот. Тргнува, проодува, паѓа, се смее, пак станува, и проодува, а подоцна и трча.

Не дозволувајте да ви го одземат правото да проодите и да трчате по своите желби во животот. Никој не е подобар од вас, сите ние имаме доволно Божественост во себе, за невозможното да го направиме возможно.

довербата

Понатаму, се поставува прашање кому да му веруваме од оние околу нас? Би рекла на сите. Довербата е лек и за оние кои се позитивни и за оние кои прават штета.

Една сопруга одлучи да му верува на својот сопруг, одлучи да не ги гледа и да не ги коментира неговите „изгубени чекори“. Секогаш кога ќе си дојдеше пијан дома, таа го послужуваше со кисели краставички и уште некоја чашка ракија. Децата имаа татко, куќата домаќин, а таа остана дама во опкружувањето. Заедно ја дочекаа староста, и така помина животот, кој и онака поминува. Но, нејзината верба – одлуката да ја осветлува довербата (која секако дека беше само нејзина одлука), им донесе семејни моменти, семејна радост, и сѐ така заврши.

Една друга жена, имаше многу способности, голем професионалец, но, никако да ѝ тргне. Сепак е овој свет и на ангели и на демони (шовинизам, деспотизам, мобинг…). Си веруваше, но не доволно, секогаш се себе изневеруваше, вокабуларот ѝ беше: „Јас сум способна, мене треба да ми верувате…“. Но, тоа не и заврши работа. Вербата не е само за себе, вербата / довербата треба да се сподели за да се успее. Така оваа млада жена одлучи да ја сподели довербата и почна да си го менува вокабуларот и убедувањата. „Јас верувам во вас, дека ќе направите добар избор, би сакала да сум дел од тимот и да соработувам, верувам дека вашиот тим има голем потенцијал и капацитет и сакам да сум дел од вашиот успех! “ И започнаа успесите, довербата ги воспостави релациите.

Секогаш има некој кој ќе одработи спротивно, ќе направи штета. Како таквиот да го исконтролираме? А тој „некој“ е човекот на кого најмногу му веруваат. Е тука настапува онаа: „Држи го пријателот до себе, а непријателот уште поблиску“. Тука веќе ви треба и животно искуство и мудрост, да го одржувате редот, мирот и успехот, и сето ова не се учи преку ноќ.

Верувајќи си себе си, стануваме чесни, честити, работливи, умешни, а верувајќи им на другите стануваме уредни, мудри, успешни, удобни во животот… И што е дури и најважно, не сме осамени, не бараме само „исти како нас“, туку го прифаќаме светот онаков каков е даден, а со тоа потврдуваме дека ни е добро, го сакаме животот, и ја допираме среќата.

Затоа, ајде да донесеме одлука да си веруваме.