„Дембел Чаршија“ – Битолско патување низ времето, со паларија, на пајтон и чалгии на увце – Настан за паметење

Дембел Чаршија

Битола – Урбана култура, боемски мерак, зародиш на уметноста… Таму се живот живее… Ништо не е измислено во оваа наша Битола, ништо не е фиктивно, филовано, завиткано како копија. Можеби токму затоа ова беше посебна ноќ што ние би ја опишале како љубовна серенада што ја пративме до светот. Настанот „Дембел Чаршија“ беше искуствено градско патување низ времето. Со уникатен кодекс, со паларија и пајтонот кој стоеше како сведок за тој еснафски идеал. Во уметнички простор, каде обичното му отстапува место на извонредното.

Но, настанот „Дембел Чаршија“, некако стана и моја лична приказна… А еве како започна.

Јас сум сонувач. Е сега, како и секој, знам да паднам, знам да се истркалам до некоја „на пати“ безнадежност… Но, токму овде, во овој град, некако повторно се исправам.

-Зошто не работиш во странство?Пријатели и сите тие регуларни клише прашања и секако мудри совети.

И навистина, за момент се прашуваш: „Што правам сеуште тука? Зошто баш тука, зошто баш во оваа Битола? До кога ќе си даваме шанси јас и ти моја Битола?“

И така некако уште од Понеделникот, сум во таа збрка. Конфузија која од една страна ми тврдеше да прифатам иницијатива за работа во тоа странство, но и од друга страна… Тоа носталгично чувство те влечи на корените. Не те остава. Те љуби до лудост и одново те враќа тука. Кај саатот, во чаршијата, на плоштад, на Дембел чаршија и кај безистенот..

Битола, моја Битола. Јас и ти си сме судени. Јас и ти сме борци. Одново се раѓаме и одново чекориме.

…И така цела недела се влечкаше тоа „да одам – да не одам, да избегам или да седам..“ Конфузни прашања, милион нерешени одговори. На крај, го оставив мисловниот проблем… И тогаш се појави. Саботата стоеше како обележан датум со посебен потпис „Дембел чаршија“. Со токму оваа интенција, одново да ја разбудат таа посебна естетска вредност, традиција и културен мелос, Бабам Битола, со поддршка од пријатели кои го препознаваат урбаниот и носталгичен крик на градот, организираа настан насловен како ДЕМБЕЛ ЧАРШИЈА кој се одржа во делот на Безистенот, покрај реката Драгор. Настанот, за прв пат се најде во програмата на Битолско Културно лето, а на нашата листа се истакна на пиедесталното место како ноќ за паметење. Затоа што… Си реков, тука е одговорот.

„Душата Дембел Чаршија ми е…/ Негување на старата битолска традиција, баш така како шо нѐ личи. Битола УБА да ни биди“ – стои во постот на Зоран Ѓоргиев, човекот кој остави автентичен, веројатно историски потпис со оваа посебна идеја.

А мојата приказна, започна уште од дома. Нурнав во фиоката и ги прочитав сите мои записи, новинарски текстови, блогови, сценарија, колумни, детски и човечки приказни инспирирани од овој град. Малку шминка, еуфорија што повторно изникна како феникс низ тоа „терца – баритон“ под високите потпетици на градските дами низ чаршија и ете ти… Се најдовме таму. На некогашната Дембел Чаршија.

Текстов не го пишувам за џабе, за бадијала како што велиме ние битолчани. Ноќта ја доживеав лично и од срце си одговорив на сите тие мисловни процеси, конфузии и прашања: „Дали да си одам од Битола? Дали вреди да го напуштиме срцето на светот?

Како контрареплицирање, на овие пријателиве од мојот понеделник кој несомнено ме убедуваше и ме натера да заборавам на упорноста дека ќе останам тука и ќе креирам тука, (понекогаш за инает на другите, а понекогаш да си докажеш сам дека можеш), одговорот некако спонтано си дојде… сам. Како да извираше од планина и се слеа долу над нашата маса над карирано белиот принт на чаршафот. Покрај Безистен, покрај речното корито на Драгoр:

„Овде е изворот.“ – со широка насмевка и длабоко втиснато уверување, зборувавме додека наздравивме со чашата вино во нејзино име. Во име на нашата Битола. „…Ова е изворот на уметноста. Европа и светот треба да се гордеат со нашите таленти. Ти велам, да не дозволиме да го заборавиме тоа туку – така лесно. Да не го откажеме!“ – Од нигде никаде започна муабетот. Не беше форсиран, не беше намерен, а дојде како елегантен уважен одговор што ја носеше таа паларија и кодекс. Како да не зборуваше пријателов, ами Битола. Како повторно да ме убеди да останам.

Дембел Чаршија, беше навистина посебен настан. Со посебна гастрономска автентичност, со специфична фузија од емоции, саботната ноќ во ова густо лето, раскажуваше историска приказна. За традицијата, културата, конзулското и боемското на битолчани. Ко шо не личи. Со пајтон, и облека што знае да биде одраз на културен идентитет. Во едно грло ги пеевме култните „Ако одам во Битола“, „Немој Ратке“, „Прстен за неа“… Музика за душа, чалгии на увце од група Серенада. Стихови кои болат до Балчак и истовремено те радуваат до некако…шармантна лудост…Посебно затоа што од една до последна се вистински, инспирирани од реални „дешавки“, градски приказни што навистина му се случиле на Широк Сокак, на Дембел Чаршија, на којунџиите, меанџиите, на двајца вљубени.

На оваа битолска приказна, што одново ти вели: Овде е изворот, а приказната започна од Дембел чаршија.