Влеговме во последниот месец од годината, декември. Светот сѐ уште се соочува со комплексни предизвици. Вестите вклучуваат црни хроники и војни. Дивергентни настани и драми не потсетуваат на критичните аспекти на меѓународната политика, безбедност и социјални проблеми.
Конфликтите, речиси континуирано наоѓаат место на насловната страна од електронските и класичните медиуми. Бомбардирања и други форми на насилство, во најраните утрински вести. Граѓани се јавуваат во ТВ -емисии во живо, секој божји ден да го искажат својот револт. Се отвараат нови фабрики за дронови, а не за чоколада. Веќе е…Декември.
Не случајно, го акцентирав чоколадото. Додека растев, светот го замислував полн со фабрики во кои ќе се прават толку многу чоколада, така што секое дете во светот би знаело за ова слатко задоволство. Денес, најверојатно секое дете во светот знае што е дрон, што е бомба, што е пискот од експлозија. Бегалци, мигранти! Исчезнуваат деца на патот кон училиште! Продолжува потрагата! Што се случува? А веќе е Декември.
Од друга страна, прашањето, „Каде за Нова година?“ е отворено и толку често поставувано, како да си во некој паралелен свет.
Ама во ред е сето тоа, сепак би рекле, со поголема доза на иронија. Можеби Новата ќе ја дочекаме „помпезно и кефлисано“, со многу надежи, ама таа трае 365 дена. Дали целосно ќе ги исполни нашите очекувања? Претпоставуваме, дека на ова би рекле, е тоа зависи од нас. И оваа констатација е со знак прашалник. Ако се повторат и опстојат постоечките и сите други форми на насилство, како ние ќе бидеме среќни во целата таа ситуација? Може ли човек да биде среќен кога сите други околу него се несреќни?
Ајде да размислиме за патот напред! Првично, да ги прифатиме различностите и да ги почитуваме индивидуалните разлики. Мир со себе, мир со сите. Оттука би тргнале во креација на поубава година. Можеби ова е клише и сосема школско видување на нештата, но ако размислите подлабоко, ваквото гледиште апстрахира агресија. Уште една синтагма што звучи како клише, ( ама само така делува) е: да градиме мостови меѓу луѓето , без оглед на различните култури и верски убедувања.
Последна прилика во последниот месец од годината да се запрашаме кај сме ние и што можеме да направиме во обликување на радоста како централен елемент?
Ние сме во опстојбата да си дозволиме да ги осмислиме единствено своите сонови и цели и постепено да ги преобразиме во реалност. Активно и емпатично сослушување и разбирање, отвора пат кон решенија и компромиси. Тоа секако го можеме и тука сме. Тука сме, во „жижата“ на случувањата за да ги преиначиме, да ги преобликуваме и да им се радуваме.
Во крајна линија, влегувањето во Новата Година без војни, со радост, подразбира претварање на светот во подобро место, каде што љубовта, разбирањето и толеранцијата, повеќе тежат на вагата на животот. И не како бреме, ами како убавина. Да го започнеме новиот период со отворено срце и оптимизам. Да ги прифатиме предизвиците со верба, оти скептицизмот не ни помага и ја опонира вербата. Дотолку повеќе што уништува во поим, визуелизација. И Никола Тесла беше визионер, пред да го осветли светот.
Во моментите на прослава, да се сетиме на значењето на човечката врска и способноста да живееме заедно, само во мир и хармонија. Секој може да допринесе кон создавањето на свет во кој не само што преживуваме, туку заедно процветуваме. Да ја поздравиме Новата година со вистинско верување дека ќе ни донесе заеднички напредок и природно чувство на радост. Нам, како човечки суштества, ни е дадено да се радуваме, а не да војуваме.
Don’t let them take your breath away – WHOEVER THEY ARE
Не дозволувај да ти го одземат здивот, кои и да се тие. Победи ги. Среќно!
Пишува: Ромина Марковска