Се претворивме ли во бројки и лајкови?

Се претворивме ли во бројки и лајкови?

Што се случува по социјалните мрежи и зошто „ѓубрето“ е над квалитетот? Се претворивме ли во бројки и лајкови? Како да само се „џариме“ во празно. Прашањето е дали има некој да не спречи во ова лудило?

Одамна имам речено дека интернетот нема цензура и не постои знакот СТОП. Никој не гледа кој е оној што стои пред видеото. Во чии раце се наоѓа „паметниот телефон“ и дали тоа лице (оној кој перцепира информација), смее да го гледа она што му е приложено (или веројатно наметнато)? Но, сепак тие бројки на гледаност се зголемуваат,а тоа најважно нели?

Долго време бев против оваа дигитализацијава, нели современа технологија. До скоро упорно се држев до пенкалото и листот. Можам да речам дека тоа беше пред толку брзо извесно време. Пред пет – шест години, не знаев ништо за овој свет, од овие бројки. Виртуелниов свет и светот на „you tube“, „instagrаm“, „TikTok“. Na „linkedIn“, „Facebook“ и какви уште не платформи.

До пред само некое време, знаевме со сопругот да пуштиме телевизија и програма во живо, одбегнувајќи го Netflix, HBO или било што останато. Пар од „старото кино“. Не оти ги одбегнувавме, ами не знаевме, а и богами се спротивставувавме да научиме. Oк, наша грешка, ама муабетот е друг… Ние ти сме таков пар што „веднаш“ си рековме ќе се чекаме кај „Борово“ (иако него го нема сто години). Кај „Ветеринарното“ или кај „Компирчиња“ и „кино Македонија“. Веројатно сме се приврзале со тоа „старо“ и не дека сме од оние луѓе кои го тврдат она познатото: ,,Во наше време е најдобро”, туку едноставно… Тоа е некоја одлука. Следиш или не следиш трендови. Но, од една страна и по малку самокритично, дали трендот или неговата апстрахираност е можеби извесен каприц? Дали сме заглавени во извесен егоистичен минимализам? Можеби, но што е со остатокот од тие девдесет и девет проценти?

Е арно ама јас сеуште сакав да пишувам, а и неговата работа не дозволува само класична папирологија. Хартија, пенкало.

Дали искуството е она што повеќе не се цени?

Пред околу 2 години имав чест да бидам дел од медиумски мастер часови каде секако се проучуваше и доочуваше доменот, кодексот, „штосот“ на новинарскиот свет. И можеби тој беше моментот кога ми кликна: „Решив да ги пратам трендовите. Морам да ги научам овие модерниве „дигитализации“, оти поинаку… Ќе ме нема! Ќе ме избришат!“

И дури јас со „скопско“ кафе во фоајето во хотелот пред салата за деловни состаноци и семинари чекав возбудена сето тоа да започне, се разбира читав весник. Весник. Вистински. Зборувам за хартија. За вредна хартија. За мирис на весник помешан со мирис на скопско кафе и свет кој ти вели: „Осмели се да ме освоиш!“ Фала Богу, како што ме „дал“ Господ, (да ми е здрав и жив инаетот) и со весникот под рака, влегувам во канцеларијата. А таму, ме чека куртуролошки шок. Секако само јас сум со весник. Сите „скролаат“ на телефон, отвораат лаптопи и секако воопшто не те забележуваат.

-Кога јас се соочив дека помина „златната доба“ или дека тоа не било „златна доба“, можете и вие! – зборуваше професорот, еминентно докажано и брендирано име во македонското новинарство. Првата вежба што ни беше поставена беше дали им веруваме или не им веруваме на медиумите и нивните вести. Секако мнозинството бевме за второто, но прашањето е како дојде до оваа недоверба? Што се случи? Од каде овој скептицизам?

Веднаш потоа ни беше даден исечок од весник од првата вест за атентатот на Абрахам Линколн, (имено, шеснаесеттиот Претседател на Соединетите Американски Држави и првиот Претседател од Републиканската партија). Тоа било вест пратена на факс веднаш по убиството. Требало да направи бум.

Што не е во ред овде? – Не запраша професорот.

Воведот. Воведот е голем. (Парафразирам) Во „триесет“ реченици објаснуваат дека било тоа убав ден во театар во Вашингтон. Урбани личности и еминентни имиња од политичкиот свет, заедно со сопружниците во скапоцени тоалети влегувале внатре во салата да ја посетат претставата. После тоа, беа објаснети ѕидовите на ентериерот од театарот. Колку тоа била импозантна градба, со големи украсни лустери… Колку била добра музичкатa комедија од Том Тејлор… A aтентатот, беше споменат дури на средина во текстот. Можеби и после тоа!

Овој текст во денешно време, никој нема да го прочита и можеби никој нема да дознае за убиството на најпознатиот претседател на САД. Денес, младите немаат вакво трпение. Тоа беше еден тренд. Денес е друг.

Дали читањето е тренд?

Жалам што ќе се согласам, но веројатно и воздухот ако не е во тренд, денес нема да го дишеме. Слушаме за тие трендови, зборуваме за тие некои инфлуенсери, а можеби и не знаеме што значи тоа инфлуенсери. (За некој што не знае: „Influance“ – влијание.) Значи сепак пренесува или создава нови трендови.

Веројатно секогаш на светот му треба влијание. Му треба тој еден да се истакнува во толпата. И баш тој еден да ги води сите. Но, што ако е тој волкот во стадо овци?

По демоните, да не должам многу! Што се случува на интернет? Како да е дојдено време: ,,Знаете во теснец сум. Како да направам пари? Ахм… Ќе направиш најглупаво видео што постои, ќе си ги рекламираш новите гаќички или чорапи и папучите од Версаче. Простете ама… Ќе користиш пцовки, вулгарности. Јавно ќе издискутираш за твојот личен сексуален живот. Избламирај се колку што можеш и не можеш и секако над сето тоа, додај глазура, малку фотошоп. Направи „фејк лајф“, фејслифтинг, отстрани ги брчките, избриши ги подочниците! Додај уште две три пцовки, оди во живо (или како што се вели „live video“). Во апсолутно битолски сленг: „Биди онака скрос кул… И топ човече! Ќе ти покажат бројките! Лајковите!“ Следи го алгоритмот и види во кое време имаш најповеќе гледаност. Најповеќе бројки. Читај ги тие бројки. Лајковите! Успеа! Браво! “

…И не дека текстов е нешто ново и не дека веќе одамна не знаеме дека живееме во свет на лајкови и не дека нешто би се променило, но…

Секако, влегуваш во овој свет и патем учиш нови информации. Најголемиот пад на „Њујорк Тајмс“ бил кога на нивниот текст не се задржале четири секунди. Текстот е важен. Краток да е. Најважна е сликата. Да е во боја. Да е ударна. Бојата психолошки да делува врз окото на читателот, гледачот, примателот. Насловот да биде со големи букви, на мускули да ја носи неписменоста и лекторот безрезервно да ја наведне главата и да издржи на нивното: „И што ако не е граматички точно?! Важно е читано! Важно е гледано! Погледни ги тие бројки и лајковите!“

Бројки, бројки, бројки. Се претворивме ли во свет на бројки и само лајкови? Дали ни е важно што гледаме или и фактот за вистината стана еден брутално реална незаинтересираност. Колку ни е важно што ни гледаат децата? Дали со она што го гледаме и читаме сме предобри, се надоградуваме или дозволуваме само да сме во ТОЈ тренд? Макар и тој тренд да не носи во голема бездна со раштркани железни бројки.

„Да ми е здрав и жив инаетот“, но јас пак ќе го пишувам она што го сакам и ќе одам на квалитет. Не на бројки и квантитет. А сепак.. Сепак понекогаш е убаво да стоиш на навиките и да не „плукаш“ по стариот бунар. Зашто и денес, на крај од лекцијата ќе ти речат:

,,И на крај на снимањето на извесен настан, интервју… не заборавајте! Во секој момент може да ви си исклучи камерата, аудиото, паметниот телефон. Тогаш…

Тогаш сепак ќе ви треба пенкало! “