Битолско „чаламење“: Ко ќе рипни в тавче Перо кабадајата

Битолско

…И така се собрале два тројца од екипата на Перо и со битолско макијато мало во чаша со мраз и лајче за кабадајлук на хајлевел, му повисиле тро на гла: „Перо само ти сам остана, дај преземи нешто, напрај нешто, времето ти лета!“ За шо лета? Кај лета? Демек со прстено на рака ќе напрај ова Перо нешто? Абре за на кафе пари од мајка и тате уште зема, ќе ти се женел. Али, шо се мора, мора се.

И така нашиов Перица со битолско асли кабадајско понашање и шмекерска цаура, Ја гледа таа „индијанката“ низ корзо и фатално се вљубува воооо…..Во што? Во нејзините прекрасни кожни хеланки. Се шмекал тој еден сат. Абе очите не си ги тргнале еден од друг. А да го прашаш шо боја на очи има типката, што наскоро ќе стане љубовта на неговиот живот, ако ти кажи глата ја сечам.

Битолско

Али битно нашиот Перо е присилно заљубен. Присилно, оти ко се ,,на сила” оди во ова држава. Весел е, убеден е дека е среќен. Почнуваат кавгите низ дома со се поголем и поголем интензитет. Се бапкат вратите, оти чакатите уште помалку од сефот бегат. Нели типот треба да фати девојка, да се среди, да се устоличи. Успева некако да се искради и да си позајми од на „луѓето“ (мама и тато) некој динар од појќе и конечно собира храброст да и пристапи на јаката „домаќинка“. Со битолско понашање и шармантни мускули од некое протенско шејкче шо уште го плаќа и го меша со ракија на паузите.

Дознава каде ќе излези вечерта. (нели Битола, барем тоа е лесно). Излегува, нашиов Перица дотеран. Со сакме, цвиќера, ципела. Пицикато. Сега со поново кошулче, не од оломнани туку од ланскиот велигден. Се мириса со оние парфемчињата наливни за по триесет шо ги дават(или даваја, сега и тие кренаја на цена. Криза то е, а мораш да си намирисан…)

И искача. Ја гледа. Шиба на кај неа. Се е регуларно. Битолско, кабадајско, заљубено, шмекерско…

Муабетот е истиот, ретро (нема да се мени наредните милион години): „Шо вака сама? Толку уба без дечко..“ И бла бла, не гњавиме со тие муабети, оти толку ни е инвентивноста. На сите. Не дај Боже да му речи: „ Уба си“. Добива директен удар измеѓуножјето. Типката се прави нешто неосвојлива, зборува нешто, кибицира, а од друга страна се прави недостижна. Си шепти со чупињата: „Ќе го збеснам“. Зошто и самата не знае и не ни е свесна дека тој ќе стане главната фаца во нејзиниот живот, на кој ќе биде приморана (присилена) да му ги потпернува гаќите. Овој пак, од друга страна, му зборува на синката „Готова е. Изгорена е по мене.“ Синката: „ Да ти го дам клучот од станот? “ Нашиов: „Не бе брат, ова не е за фрлање. За земање е.“

Кој не е бе за фрлање?! Та со тебе, та со неа, штркот ја љуфнал дестинацијата, ама ај. Мават уште една водка со многу мраз и лимончиња, а оваа се прави дека не пие, прв пат и било вака. Чудна работа, цело средно се фалеа колку пијат, а сега се кријат, оти мора да се прај нешто во животот. Нели мора да се земат, а не да се обземат.

Излегуваат пак, регуларно, исклиширано на битолско кафе утредента. Строго во дванаесет иако глата тапан му е од вечерта. Праат некој ефтини муабети, филмови, музика, малку оговорање, дрн мрн. Веќе наредниот ден се за рака и нормално тоа секогаш се официјализира само и само на нашиот Широк Сокак. Ако не поминиш таму за рака, ништо не е официјализирано.

Одат една година.

Нашиов уште не е вработен, ама со чупето е. Сега инаку е. Пак спие до пладне, ама има за кој да излегва. Има причина. Заљубен е. (присилно). По една и пол година, веќе стуткани престуткани, типката нормално затруднува, пари за абортус – ска, и едноставно нели нашиов мора да се обрати кај луѓето и да им соопшти дека време му било да се жени. А кое е тоа време? Ако баба ми се мажила на шеснаесе, то е времето? Или сега поновото се пролонгира? Кој го одредува времето?!

Битолско

Тие па, луѓето(мама и тате), пресреќни.

Демек нашиов ќе се устоличи. Не. Заљубен е вистина. До сега со шестотини осумдесет и две мачиња шо не знат да прат зелник како неа, ја изневерил, ама заљубен е до уши. Шо е така така е. И сега веќе на ред е официјалноста наречена фејзбук. Почнуваат фотографии од типот: „I do или ,,she sed yes“. Ајде тука честитки, примо – предавања, лофкања.

Се прај списоко за свадбата.

Тие банка немат, немат сол в очи да си турат, во најголемата сала ќе славеле. Осумсто души викаат, роднини, пријатели, па на тато четврта брачеда шо редно е да ја запознат (ете ти прилика на свадбата), на мама колешката нова од работа: „Како срамота е, та ме викна за син му“. Па од кај невестата, па швалерките тука мора да се запазат да не се викнат, незгодно е.

Овај нашиот секој ден крцка на битолско кафеЗапазва минус да не му пишат и уште појако се осеќа сега низ широкиот ни сокак. Се мава по гради и уште појќе мафка. То еден куп женски срца скрши, не е играчка. До когааа?

Битолско

Доаѓа свадбата. Невестата бубрег во мео. Пред пороѓај. Одат да ја земат.

Закажвања, шминки од пет сабајле. (Да станиш од 4-5 сабајле за да се нашминкаш? Не сфаќам и изгледа со ваков темперамент, никогаш нема да сфатам) Па десет илјади за фустан на шијач, па не му се погодил, па друг, па фризери, па коси додатоци, па момински, момачки, стриптизери, оние одвратните торти во вид на незнам шо. Па тука сите да видат, превези, мевези.

Запотени сите ора играт на денот.

Кумот се дробосва, не ни ја памти свадбата. Чапнал некоја во вецето, па и тој си го средил живото (на пример велиме) . Мама тате на нашиов, ќефој. Зошто бе? Шо ќе прајте море допрва?! А женет е син ви? Знај тој? Мислам свесен е или…?! Подженет?! Завршва свадбата. Слики на фејсбук, три фолдери. Првиот: „ Кај зетот“. (девеесе слики) Вториот: „Кај невестата“. (сто слики) Третиот: „На свадба во кафаната“.(триста слики)…

Смрди корни преку слики од жеништата челите шо си ги извајле. Не сфаќам зошто клават штикли ко ги болат нозете. Клај си пупиња таму, стартки (и така сега се е во мода). Три дена фејзбукот само од нив со слики е преплавен. Like, like, like, абе да те фати раката. Тие ќе се измрдат од радос од лајкој.

Иди дено. Пука водењако.

Малио. На нашиов џуниор. Првата радос. По најнова мода, го крштеват Јустинијан. И кизнеј како ќе му биди ко ќе го праша некој како се вика татко ти.,, Аа ти на Перо си и Весна”. Перо, Весна и Јустинијан. Зото бе?! Мислам шо ви е?

Перо, Прдна, ждригна, сега е со тато сликан, а овде е со мама, сега срцкото јади, сега се залигај, а сега ќе го шеткаме оти денот е преубав. Ова е првиот снег на Јустинијан. „Ете го роденденот, овде, Јустинијанчето се накапи!“ …Како Јустинијан ја удираше Јана.“ „Првиот одмор на Јустинијан. Ист е на татка.“ И ти пак: Like, like, like, like….ехеее : „ Лелеее… Преубоо… Ве лофкам! Срциња, мечиња, зајчиња…:))“

И така нашиов, си го гледа малиот, си постира на фејзбук, еден имат заеднички профил со жена му, сеуште се гледа со две три јаки мачиња, (има лажен профил, седи по ноќој се допишва). Ака по меани и понекогаш се случува да не го види синчето, едно два три дена. Уште нема работа. Ама секој ден е на Широк Сокак. И секогаш ја известува Перо својата„ Драга“ дирекно од срцето на Битола за најновите случувања, додека таа му ги пери гаќите и прави фантастичен зелник и брилијаннтно битолско кафе. Нема играње.