Битолскиот клавир Петко се враќа со нови авантури! – Втор дел од првата сликовница за деца посветена на градот Битола
На 28 декември ќе биде промовиран вториот дел од првата сликовница за деца посветена на градот Битола – „Битолскиот клавир Петко и заборавениот пајтон“. Петко повторно оживува во магичниот свет на Битола, носејќи авантури за најмладата публика. Илустрациите на Мирјана Бубевска дополнително го оживуваат овој свет, со детали кои ја пленат имагинацијата на децата.

„Имаме должност кон нашата историја… Сметам дека треба да ги потсетиме децата и возрасните што сè имаме“, вели авторката Елена Наумовски. „Приказната започнува од Битола, градот на клавирите и пајтоните, но авантурите на Петко ќе продолжат и во други градови. Секој камен и секоја уличка на Битола носат приказна. Сакав да ги оживеам овие симболи и да им дадам живот на ликовите, како Битолското Чупе, кое сега е дел од главните јунаци“, додава Наумовски за првата сликовница за деца посветена на градот Битола.

Сликовницата комбинира магично и реално, заборав и колективно сеќавање. Ова не е само детска бајка, туку приказна за сите генерации. Додека децата уживаат во боите, возрасните можат да го најдат скриеното дете во себе.
Промоцијата ќе се одржи во книжарницата Book’s House во Битола, на 28 декември, во 11 часот, како дел од Зимска приказна 2025/2026. Најмладата публика ќе ужива во новогодишна атмосфера. Во музика, детска ликовна работилница со Adams Art и присуство на Дедо Мраз, кој заедно со Битолското Чупе на пајтон ќе ја донесат приказната за Петко.
Проектот е поддржан од Општина Битола, Бимилк, Болница Плодност и Прим. Д-р Таше Трпчевски, MINT FinTech Group, Muppet kids и Book’s House.

