Во организација на Центарот за германски јазик „Илиеви“ и Австриската библиотека, во Битола се одржа исклучителен книжевен настан – книжевна вечер под слоганот „Битола чита | Bitola liest“.
Оваа книжевна вечер беше инспириран од месецот на читањето во Австрија и го претстави есенскиот дух низ призмата на литературата. Во амбиент обвиен со есенски лисја, книги што будат емоции и разговори што инспирираат, настанот го истакна значењето на читањето како основа за креативност, културен дијалог и лично надградување. Просторот на Центарот за германски јазик „Илиеви“ се претвори во книжевно катче, каде што секој присутен – без оглед на возраста – можеше да учествува во прославата на пишаниот збор.
Посебен фокус на вечерта беше присуството на истакнатата македонска писателка Јасмина Атанасова, авторка на романите „Кога ќе стивне прашината“ и неодамна промовираниот „Напластување“. Со својата моќна наративна естетика и суптилен филозофски пристап, таа ја освои публиката. Во својот разговор со присутните, Атанасова ја истакна улогата на литературата како средство за самоспознание и поврзување, потенцирајќи дека читањето не е само индивидуален процес, туку чин на заедништво и културна интеракција.
„Секој роман е слоевит. Но тие слоеви не ги отвора авторот, туку читателот,“ изјави Јасмина Атанасова, повикувајќи ја публиката на подлабока интроспекција низ светот на книгите. Покрај читачките сесии и книжевниот разговор, настанот ја истакна важноста на просторот како центар на култура и знаење. Центарот за германски јазик „Илиеви“ уште еднаш ја покажа својата посветеност на културниот развој на Битола, пренесувајќи ги вредностите на читањето и учењето во заедницата. Но, ова не е крајот на книжевната приказна!
На 21 декември, во рамките на „Зимска приказна“, љубителите на книгите и културата ќе имаат можност да бидат дел од посебен настан кој ќе се одржи пред Офицерскиот дом во Битола. Во духот на празничната магија, организаторите најавуваат изненадување што ќе ги спои зимските радости со книжевното доживување. „Битола чита | Bitola liest“ – таму каде што книгите оживуваат, а зборовите не оставаат рамнодушни.
Фото: Ивона Кочов