Битола има со што да се гордее! – 43 години Центар за култура и изложба на Диоген

Импозантни сцени ја надополнуваат сликата и смислата на градот – Центарот за култура прослави роденден, а објективот на Диоген успеа да ја раскажи битолската урбана приказна

На 10 октомври 1980 година свечено биле пресечени лентите со кој што овој град, нашата Битола почнува да испишува една културна историја. Центар кој постојано има нагорна линија во секој поглед на делување, иако имало тешки мигови. Благодарна сум на сите кои овде оставиле свое парче душа. Душа на оваа бетонска градба која е најголема од ваков вид во државата. Ние го имаме и најголемите проекти, најзначајните културни случувања во државата, а ја имаме и најдобрата културна публика.

Годинава славиме и 10 години “3 ДЕ“ кино, а со сето ова Битола има со што да гордее. 

– Рече Маја Андоновска Илиевски директор на Центар за култура Битола по повод вчерашната прослава на неговиот 43-ти роденден.

,,Нашиот светилник на културата, креативноста, но и на заедницата.” Ќе речат од Центарот за Култура Битола. Луѓе кои и во најтешките моменти знаат да одат напред и успешно го трасираат патот секогаш конструиран од кретивни идеи, културни подвизи и импозантни сцени што ја надополнуваат сликата и смислата на градот. Градот кој низ векови пулсира во име на уметноста.

Имено синоќа 25 фотографии блеснаа во фоајето на Центарот за Култура во Битола.

Приказните раскажуваа посебни моменти од фестивалите на кои Диоген Хаџи Коста Милевски беше присутен како официјален фотограф. Имено ова е прва негова самостојна изложба и не случајно е дел од мозаикот на културната и урбана бајка што години наназад се гради.

Кај нас оживува културата. Ние сме место каде се чувствуваат традициите и каде се слават новите уметности. Низ 25те фотографии со изложбата насловена како ,,Фестивалска диоптрија”, Диоген низ неговиот објектив успеа да  ја долови енергијата. На магијата која се создаваше во живо на фестивалските сцени низ годините и не врати во најсилните моменти од настаните.

,,Денешното раскажување приказни е преку фотографии и текст” ќе рече Хаџи Коста Милевски. А она што ние како публика можеме да го кажеме е дека на нив видовме навистина моќен спектакл од емоции.

Што би било кога светот би го гледале како едно колоритно и допадливо место, како што го гледа Диоген?

Имено на фотографиите беа доловени емоции од страна на поединците и познатите дејци од македонската културно уметничка сцена. Актерите најчесто во,, сингл” издание, пренесоа голема дискусија до душата и умот кој пред се го поздравија окото. Толку нежно, а толку моќно.

Што чувствува едно големо режисерско име во таа секунда? Која мисла му поминала на познатиот музички изведувач? Какво е чувството да си на сцена брилирајќи после тоа со громогласен аплауз?

Според нас, Хаџи Коста Милевски ги долови моментите кои всушност  ја раскажуваат приказната што се случува зад завесите. Но, не оние завеси кои се пред нас и ги гледаме. Туку оние во менталниот склоп и проекција што ја очекуваме како финален производ.

Што се случува доколку се фокусираме на тој дијапазон или мал круг на целиот ролеркостер пред големиот предизвик. На она што се случува зад целиот мисловен процес пред да се каже репликата. Пред да се изигра сцената, пред да се исфири нотата, пред да се визуелизира финалниот филмски проект. Кој е тој моментум? Што ќе биде после тоа?

Како да врвните уметници низ фотографското око ,,несакајќи” низ фацијалните ,,секвентни” експресии, откриваат сензитивна тема. А од друга страна експлозија од емоција што понатаму ќе ја воодушеви публиката со громогласно ракоплескање како награда.

Како да она што го видовме синоќа над 25те одбрани фотографии на Диоген, ни раскажа што се случува со уметникот пред да дојде тоа ,,Браво”. Од тука, фантастично е колку авторот ни отвара апетит за еден сопствен мисловен процес и прашалник кој му се нуди на умот за еуфоријата и очекувањето пред големиот аплауз. Дали брилираме тогаш иако изгледаме како да брилираме? Веројатно да. Бидејќи како што во едно интервју од неодамна рече Диоген, (парафразирам): ,,Со тоа што имав можност да бидам поблиску до големите уметнички имиња до нашата културна сцена, имав можност да ги запознаам поблиску”
Според ,,разбуди се”, неговите фотографии навистина знаат да го будат тој момент. Според нас, верашната изложба значеше дека во секој се крие она човечно малку и она грандиозно многу во умот.

Диоген успеа да ја долови душата на настаните. На градот кој за Илинденски денови е огромна сцена. Деновите за Манаки кога секоја година запишуваме филмска историја. На фестивалот на монодрамите кога луѓе од целиот свет зборуваат за магијата над штиците што живот значат.
Фотографот заслужи симнување на паларијата, како познат реквизит – (брендиран аксесоар) на градските господа битолчани. На Битола што со вакви уметници, упорни работници и институција како Центарот за култура, поттикнува уште поголема авангардност, сплотеност и единство на културата од светот во едно. Далеку од кичот. Далеку од шундот.