„Бакхи–Краток преглед на распадот“–Бура од емоции и претстава што заслужно кореспондира со светската театарска сценаp

БАКХИ – Бурна експресија и шокантно поистоветување со сценската поставеност што ја зголемува автентичноста на амбиентот кој не воведе низ уште една беспрекорна изведба од Битолскиот Театар.

Големи и дебели ѕидови… Налик на лудница и луксузниот и маркантен лустер како детал кој совршено го ,,димензионира” мисловниот простор… Кулминацијата на т. н. празно, доживувањето и потрагата по единствената светла точка во таа тмурна бездна на умот. БАКХИ е бура од емоции и смело рушење на клишето или искачување над маргините над кои стои типичниот театар.


Потенциалот на оваа претстава го согледавме во сериозниот пристап на режисерот Игор Вук Торбица. Грандиозната претставеност на ликовите зад кои стојат звучните и докажани имиња на нашите актери.

Инволвирајќи го бескрајниот судир помеѓу аполонското и дионистичкото или помеѓу разумот во нас, седнати на една семејна вечера, во „Бакхи“, која е една од ретките сочувани трагедии на Еврипид, актерите го претставуваат миксот од една современа психолошка драма (во контекст на расправа), зборувајќи за нескромната опуштеност и пласирање на емоциите, мислите и нагоните на едни и систематското потиснување на гневот, мислењата и чувствата на други.

,,Случајноста е господар на сите нешта, не човекотш”! – Алудира актерката Викторија Степановска која меѓу другото, за оваа улога заслужно доби награда за најдобра актерка на 18 – от ИФАД Стоби 2021.

Како ,,метатеатарски” текст, како што режисерот знаеше да го потенцира неговиот прапочеток, она што го видовме на сцена, не донесе во грст прашални форми… Во загатки кои всушност латентно шепотат. Шепотат дека божественото доаѓа во облици коишто не сме подготвени да ги прифатиме, а истите се случуваат без да ги забележиме или можеби не би сакале да ги забележиме.

Бакхи

Овој текст го влечи сознанието за моќта на раскажувањето приказни. Приказни од чија сила произлегува заклучокот дека токму човекот е оној што ги измислил (форматирал), вечните опоненти: доброто и злото.

Апро по, дали имаме противник кој доаѓа од екстериерниот простор надвор од нашиот разумен видокруг?… Или можеби тој непријател се крие токму во нашиот „инер“. Во нашето ,, јас”, его, алтер его или едноставно,, ние кон себе си”, а не светот кон ,,нас”.

Бакхи
Бакхи

За крај, би заклучиле и повторно нагласиле дека оваа изведба стои рамо до рамо со светската театарска сцена. А ние сме горда публика што би му дала громогласен аплауз за отворениот простор и новите тенденции. Тенденции кои се случуваат токму тука во нашата театарска сензација на Балканот. Во срцето на Европа и светот, во нашата Битола.

Автор: Елена Трпковска Наумовски