Ако заминам и си одам од Битола…
Саботно кафе и низ црни очила несврзан муабет со пријатели.. Лабав навидум… Благ ко кафето со шербет на изглед, а толку горко во душата. Оти фала Богу си следи тоа клише:,, Ти не си за тука! Се бориш цело време! Со поезија, со глума, со театри… Како да сакаш нешто, а не можиш… Сега имаш и интернет простор, ама гледаш? Тешко е! Овде ништо не е лесно. Не е ова Битола во која верувавме. Не си ти за тука. Замини. Премини на амерички пазар. Светски пазар. Продај се. Мудро. Редно е! “.
Си голтнав од кафето. Заќутив. Ги ставив цвикерите и ваљда тажно си прошетав низ градот. Сама. Без тоа време, без тоа,, БРЗО” и :,, До каде си?” И си шетав низ градот. И си сфатив… И можи не им реков, не го кажав гласно тоа ГОРКО во грлото, и тоа суво во срцето, тоа потиснато… ама ете тука ќе си го кажам. Можи да… Ништо немам и ништо не добивам. Ама ја сакам. И не се сакам туку така, онака и било како, само да бидни. Да капни, да течи, да,, ГРГА”. Сакам да знам оти сакам. Макар и да не,,врни” од тоа американско западно или европско ,, сра..е”. Се сакам во Битола. Се сакам во Битола и непара оти во друго место ќе се сакам вака. Ете што имам да им кажам. Да си кажам, да си признам.
Фото – Агим Џело
Ако си одам од Битола…
Ќе ми фали џагорот во пазарот и мирисот на свежиот зеленчук, на животот што некако таму најповеќе ми пулсира.
Ако заминам од Битола, ќе ми фалиш ТИ како спомен низ стара чаршија. Низ театрите на секој чекор. Низ драмата, низ приказните на Каринте и тој Кемал. Некое, велат големо кабадајчарче што остана да сведочи за љубовта на Елени од балконот кој и денес се гледа. Ќе ми фалиш низ завесите, низ прегратките, низ песните…
Фото – Диоген Хаџи Коста Милевски
Ако си одам од Битола, ќе ми фали гневот на старите генерации оти: ,, ОТИ ова е така, а не било така… ” Ќе ми фали молкот на новите и прашалникот на детските очи за тоа што е добро, а што не. За прашањето од тоа што било и што е сега? За тоа старото кога на корзо чупите шетале на средина, а овие ,,мангите (ергени)” ги гледале од ВПШ. (Од таа последна шанса на клупите кај компирчиња.) И од тоа старо, најстаро и микс од ново. Од тој коктел од емоции и вибрант на хаосот.
Од тоа турбо во кое се вљубуваш ,,на нејќење” и тоа евергрин шо упорно се бори против шундот во ова урбано.
А го сакаш. Некако безвезе. Шармантно, недолично. Од тој шмек на импулсот. На пулсот што чука како од реплики што само јас, ти моја Битола и,, ѓаволот” ги знаеме…
Ако си одам од Битола…
Ќе ми фалат неколку работи. Турско кафе, константна носталгија по пајтони, боемштилук, меани, некогашни раскажани анови.. Ќе ми фали тоа чукање по гради дека сме најдобри, убави, дотерани. Ако заминам од Битола ќе си фалам јас ете вака како шетам низ Широк Сокак и секогаш на ново се вљубувам во секој еден камен од кој е створен овој манифест. Кореспонд на омразата што само тука знае на крај да финишира во убаво,, Добар ден” или,, Да пиеме кафе…”
Ако заминам од Битола…
Ќе ми фали мракот дур го шмркаш кафето или пиеш големи голтки од румено вино со темни очила и под око гледаш во навидум урбаното.
Фотографија на Бенита Стојмирова
Ако си одам од Битола…
Ќе ми фали еден глас кој секогаш потиснува и те гмечи низ душичката и ти ѕида некој кинески ѕид за да молчиш и не се предаваш и не заминуваш… Ќе ми фали чувството на апсурд!
Ако заминам и си одам од Битола ќе си фалам јас како се убедував да не си заминам.
Никогаш да не отидам, никого да не барам, да не се барам.. Да не се берам! Да си велам нигде не е ко тука и никој не вика толку гласно без да зборни.
Ќе ми фали секоја игличка од моликата што плачи да останеме. Ако заминам од Битола ќе ми фали секој ден поминат со тебе, со вас, со младоста и циркузот во таа младост.
Со песната и тие тивки ноќи кога сите спијат, а ние како луди пеевме низ чаршија. Кога ко млади викавме и мислевме оти не слушаат… Со гитари свиревме кај саатот, наздравувавме и си ветувавме дека еднаш ќе заминеме. Дека не сме за тука. Дека не сме за овде. Ако заминам, ќе ми фали да наздравувам дека ќе заминам и да го задржам тој момент. Толку силно да го прегрнам, да го бакнам, да го милувам. Со битолчани, со вистински пријатели полни со љубов. Со посебна битолска страст, таму некаде… Низ спомените.. Во срцето на светот. Во Битола.
Битола не ме дава така лесно мене и тебе, а и јас не ја давам… Оти ако си заминам од Битола, ќе немам шанса. Ќе немаш и ти, а ќе нема ни Битола.
Не е важно колку е голема таа куќа, важо е колку има среќа во неа.
Фото – Диоген Хаџи Коста Милевски