„Умееш ти опасно да направиш сторителинг!“ . Така искоментира Љубица Ангелкова и ми ја даде честа да ве воведам во интервјуто со авторката Јасмина Атанасова.
Но, би рекла дека ова не е само „сторителинг“ и општа насока кон она што понатаму ќе го читате. Ова е искрен пристап кон едни извонредни личности кои во име на уметноста создаваат совршенства. Личности кои ни го претставуваат животот и реалноста од друг агол со некој културен, емоционален, револуционерен концепт. Му даваат боја на животот раскажувајќи поинаква страна, позитивна, шармантна, вистинска. Како и да е, чест ми е за пофалните зборови од Бубе. И секако чест ми е што „Разбуди се“ се најде во оваа несекојдневна приказна што уште еднаш не потсеќа дека нашата конзулска Битола е срцето на уметноста, книжевноста, урбаниот крик и душа на нашата земја. (Како storyteller на воведниот дел, се потпишувам јас Елена Трпковска Наумовски, а интервјуто со Јасмина Атанасова го водеше Љубица Ангелкова)
…Извонреден талент, необична и вешта со зборови. Кога ќе излезеш надвор од таа „феик“ комфорна зона, се осудуваш да сонуваш! Перцепираш реалност за која веројатно не си ни бил свесен. Претенциозно стремиш на „ТИ“ со твоето „ТИ“. Стануваш она што си и го правиш тоа што те претставува. Што го сакаш и што знаеш дека го умееш. Визија, цврста волја и љубов кон она што го работиш. Потоа тој труд, станува професионален ангажман, студизност и сериозен пристап кон креацијата. Приказната преминува во мајсторија. …И нели, љубовта љубов рaѓа!
Токму тоа се случи со Јасмина Атанасова, синоним за интелектуалниот шарм на Битола. „Кога ќе стивне прашината“ е нејзиното прво книжевно патување кое навистина воскликна со дури пипливо пулсирање на мислата. Книгата направи вистинси БУМ и ескалира во екстатичен, громогласен аплауз од публиката што за авторот веруваме дека доаѓа како десертно уживање. Најпрво создаваш и како да го јадеш главното јадење. А потоа уживаш во десертот кој го зголемува апетитот за размножување на мислата и уште многу нови дела.
Така, откако барем малку „стивна прашината“ околу промоцијата, поразговаравме со авторката. Го отплетивме клопчето и го составивме мозаикот. Јасмина е една од ретките која навистина брилира со својата позитивна насмевка, мисла и автентичност. Од една страна брутално реална. А од друга страна како да го кроти тој извесен прашалник на кому сите некако му се плашиме. Поентирам со цитат на Дарко Лешоски и „се повлекувам“ од интрото:
„Ова не е љубовен роман – ова е книга за храброста да бидеш среќен. Треба храброст за да бидеш среќен.“
Јасмина, можеш ли да го споделиш моментот кога реши дека пишувањето за тебе е повик?
Јасмина Атанасова : Чувствував дека пишувањето како порив струи во мене откако знам за себе. Од мали нозе бев страстен читател на книги. Напоредно со тоа, во своите младешки години пишував проза и поезија со која добивав многубројни признанија и награди. Иако понатаму одлучив да студирам на Фармацевтскиот факултет во Скопје, желбата да се остварам како автор, во подоцнежните години започнуваше сѐ повеќе да татни во мене. Кога се приклучив на „Школата за креативно пишување“ на Александра Димитрова, која е доктор по филолошки науки, веќе почнав да ја чувствувам експлозијата на креативност која извираше од мене. На тој начин, пишувањето веќе стана дел од моето секојдневие, на кое му се препуштам со многу љубов и страст.
Вашиот роман „Кога ќе стивне прашината“ е опишана како лично патување. А помалку како фикција. Колку од вашиот сопствен живот се рефлектира на страниците на вашиот роман?
Јасмина Атанасова: Сметам дека секој автор остава свои лични траги врз белата хартија додека твори… Траги од крв, солзи, мириси, радости…. Од задоволства, дилеми, мисли, ставови… Ги открива и разголува трауматизираните и омлитавени места од душата за да го засече и исчисти тој занемен дел од себе. Но, и да му даде глас на оние убавите парчиња душа, за да можат да сјаат послободно и пошироко. Поинаку, сметам дека не ни може да се твори. Така да, има мали, парцијални делови и фрагменти во книгата од некои мои лични размислувања и чувства. Секако постојат отисоци и примероци од есенцијата на мојот дух меѓу редовите текст. Но, сепак би кажала дека содржината на книгата претставува фикција.
Имате успешна кариера надвор од пишувањето. Што ве инспирираше да се запишете во Школата за креативно пишување за и на крајот да ја објавите вашата прва книга?
Јасмина Атанасова: Инспирацијата за запишување во школата на Александра Димитрова беше да се подобрам во некои стручни знаења поврзани со светот на пишувањето, бидејќи, иако сум страстен читател, бев свесна дека ми недостига соодветно образование за техниките. За начелата, прописите и инструментите во создавање едно квалитетно прозно дело. Откако го завршив тој процес, го пуштив моето срце и душа да дишат и да се шират. А книгата како едно вистинско чудо, се создаде сама, исткаена од моите нишки љубов, страст, посветеност и желба да творам. Тоа ми е еден од најубавите делови од денот. Сама, со својата имагинација, изникнувам и оформувам нови облици на светови со моќта на само 31 буква.
Темите за повторното раѓање и трансформацијата се моќни во секоја страница. Дарко Лешоски, кој беше промотор на книгата на настанот во Офицерски дом зборуваше во негов стил… Директно и искрено! Но, потенцира дека ова не е љубовен роман, ова е книга за храброста да бидеш среќен. Колку треба храброст да се биде среќен?
Јасмина Атанасова :Храбар стануваш кога немаш повеќе ни една друга опција, освен тоа да станеш храбар. Барем кај мене беше таков случајот. Некои луѓе не знаат како да се среќни, но не се ни обидуваат, бидејќи се плашат. Дури би рекла и дека не знаат како да се справат со таквото убаво чувство. Не си ја ни бараат среќата. Некои од нив, сакаат да ја најдат, но не знаат како.
Мојот омилен поет Руми рекол: „Кога ќе почнеш да чекориш по патот, патот се појавува.“ Кога ќе тргнеш да одиш и да трагаш по нешто (во случајот среќа), храброста самата те наоѓа. Почнува да ти прави друштво, ти станува најдобриот сопатник. Кога имаш таков сопатник кон дестинацијата што си ја одбрал, уживаш во секоја етапа од патот. …И во еден момент сфаќаш дека тој пат ти е најубавото нешто што ти се случило. Херман Хесе рекол „Херој е оној кој ја има храброста како своја судбина“.
Вашиот пат до пишување дојде подоцна. Каков совет би им дале на другите кои имаат неостварени креативни соништа?
Јасмина Атанасова : Јас би го цитирала нашиот книжевен великан, Горан Стефановски:
„Секој мора да се потруди да стане она што може да биде.“
После неговиот цитат, не би се осудила ништо друго да кажам на оваа тема.
Можете ли да објаснете за значењето на насловот „Кога ќе стивне прашината“? Како тој се поврзува со основната порака на вашата книга?
Јасмина Атанасова: Честопати во текот на нашите животи се крева прашина. Се вознемирува воздухот околу нас и сѐ станува тешко, обеспокоено и турбулентно. Напати, самите знаеме да си ја создадеме прашината. Некогаш некој друг ни ја дува право во очите и не заслепува… Понекогаш ќе излезе сама од себе, ќе се вивне и ќе не’ задуши… Но, прашањето е што ние правиме измеѓу две „микро бури“, што правиме со нашите животи кога ќе стивне прашината. Предизвикот е тогаш вистински да се обидеме да живееме наместо да сме во исчекување на нова бура. Особено тогаш треба да сме храбри, но и подоцна кога повторно ќе се крене прашината. Да се одважиме да се издигнеме над сите наши животни ситуации и да се потсетиме кои сме и што вистински заслужуваме.
Литературата има моќ да ги менува перспективите. Каква промена се надевате дека вашата книга ќе донесе кај вашите читатели?
Јасмина Атанасова: Јас пишувам за оној вид на читатели кои можат да ја видат пошироката слика, а не само површноста на она навидум очигледното. Читатели кои не заглавуваат помеѓу гранките тука поседуваат понорен мисла кој ќе достигне да ја види целата шума со сета нејзина убавина.
Таквите читатели, мојата книга ќе ги потсети колку човековиот дух е истраен. Ќе ги инспирира да тргнат во освојување на свои лични врвови. Некого ќе поттикне на размислување како да стане подобра верзија од себе. На некој ќе му вдахне надеж дека никогаш не е доцна да направи нешто ново во животот. А на некого мојата книга ќе му помогне да сфати дека, да се сакаш себе си и да си помогнеш себе си е еден од најголемите успеси што можеш да ги постигнеш. И дека на тој начин му помагаме и на сите оние околу нас. Оние кои ни значат и кои се на некој начин поврзани со нашиот личен свет.
Дали беше комплициран процесот да се најде издавачка куќа за книгата и колку е тешко таа денес да се постави во книжарите за продажба?
Јасмина Атанасова: Да бидам искрена, многу се изненадив кога согледав колку е тешко за еден нов автор, да стигне до некоја издавачка куќа и да успее да издејствува неговиот ракопис да биде прочитан. Едноставно, скоро никој не му дава шанса на книжевен дебитант. Благодарна сум на Славица Гаџова Свидерски и Михајло Свидерски основачите на издавачката куќа „Восток“ што препознаа убавина во мојот пишан збор и со ракописот аплицираа на минатогодишниот конкурс на Министерството за култура. Во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност до Министерството за култура со чија помош се издаде „Кога ќе стивне прашината“. Пласманот и дистрибуцијата на книгата е во рацете на издавачката куќа „Восток“ и за жал, не би можела да кажам каква е достапноста на книжарите, бидејќи ги немам потребните информации да зборувам на тоа поле.
Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте во текот на пишувањето и како ги надминавте?
Ј.А. :Можам да кажам дека сум автор кој ужива во создавањето на топли и колоритни описи на емоции. На пејзажи, ситуации, моменти. Од друга страна, најголем предизвик ми претставуваа добрите и реално извајани дијалози во книгата, со кои на почетокот не бев баш во добри односи. Во еден момент, од мојата домашна библиотека ја извлеков „Диво месо и други драми“ на генијалниот Горан Стефановски. Се трудав да учам од неговиот мајсторлук на создавањето неворојани дискусии и разговори помеѓу протагонистите во неговите драми. Повторното читање на делата на Горан Стефановски на мене делуваше терапевтски и исцелувачки врз мојата фрустрација кон создавање на квалитетни дијалози.
Процесот на пишување може да биде неверојатно личен и интроспективен. Како ве промени пишувањето на оваа книга?
Ј.А. : Откако вистински се посветив на пишувањето, за мене се отвори еден нов свет. Истиот, почна да ми ги поместува маргините на мојата душа. Да ме изобличува и деформира, за на крај да ме оформи во еден друг човек. Да ме врати во својата примарна и првична состојба, во која отсекогаш сум била. Всушност пишувањето ме врати дома, кон себе си и кон изворот на моето постоење.
Воедно ми ги смени и моите перцепции кон светот, кон односот кон другите, кон природата и кон животот воопшто. Осознав дека живееме во општество кое изискува од луѓето да бидат она што всушност, не се. И тоа едноставно сакав и морав го да прекинам. Ернест Хемингвеј рекол „Не постои нешто што може да се спореди со пишувањето. Сѐ што треба да направиш е да седнеш пред машината и да крвариш“. Пишувањето е толку фантастично и магично чувство за мене, и невозможно е да не се почувствуваш регенериран после создавање на некое дело.
Дали би можеле да споделите сегмент од вашата книга што сметате дека е особено значаен и да ни кажете малку постојано ви одекнува?
Ј.А. :Секој дел или сегмент од книгата е подеднакво значаен, бидејќи сите делови се во меѓусебна симбиоза и еден без друг би го изгубиле ликот и би се стопиле како аморфна маса. Светлините и темнините на дејствијата, расположенијата, емоциите и борбите се присутни на секоја страница и енергично се надополнуваат. Се случуваат најразлични прелевања и кога еден човек се бори за опстанок, за своето право на достоинство и среќа секој момент е клучен а секој збор суштествен.
Таквиот калеидоскоп од чувства е невозможно да се сепарираат и да се категоризираат. Но како највисока и највозвишена нешто ми испливува, е мислата на кнезот Мишкин во романот „Идиот“ на Достоевски. Тој вели „Убавината ќе го спаси светот“. Верувам дека мислел на убавината на љубовта како универзално, неоспорно, најплеменито и најчисто чувство кое е неопходно за опстанок и среќа на човечкиот род како и на сите живи суштества. Таа мисла е темелот на мојот роман.
Како читател, кои автори или книги оставиле трајно влијание врз вас и влијаеле на вашиот стил на пишување?
Ј.А. :Колку простор имам да зборувам за нив?:))) Хемингвеј и Достоевски (очигледно), Чарлс Дикенс со „Големите исчекувања“, Исак Башевис Сингер со „Роб“, Габриел Гарсија Маркес со „Љубов во време на колера“, Мирослав Кундера со „Неподнослива леснотија на постоењето“, Мишел Уелбек со „Платформа“, Фредерик Бегбеде „Француски роман“, Орхан Памук со „Музеј на невиност“, Елиф Шафак со „Копилето од Истанбул“, Маргарет Атвуд со „Слепиот убиец“, Фредрик Бакман со „Човекот по име Уве“, Халед Хусеини со „Ловец на змејови“, Меша Селимовиќ со „Дервишот и смртта“, Милорад Павиќ со „Хазардски речник“, Венко Андоновски со „Вештица“, Лидија Димковска со „Резервен живот“. За крај ги оставив „Глувци и луѓе“ на Џон Штајнбек, како и неговите менументални дела „Источно од рајот“ и „Плодови на гневот“. Мојата восхитеноста од неговиот начин на пишување и темите кои тој ги обработува е сеуште иста како и првиот ден кога го прочитав овој, за мене, неповторлив писател.
Кој е следниот предизвик што го очекувате?
Ј.А. :Со нетрпение и со голема возбуда очекувам да се реализира издавањето на мојата втора книга „Напластување“, наредната, 2024 година. Посакувам книгата да успее да го вдише првиот, чист здив и да ги почуствува првите читатели како ја прелистуваат нејзината содржина и преминуваат по нејзините свежо испечатени, бели гради. Иако тоа зависи од многу фактори, верувам во длабоката порака што „Напластување“ ја носи со себе и во тоа дека ќе успееме да ѝ дадеме живот на книгата, кој што таа го заслужува.
Конечно, ако вашите читатели треба да понесат една порака од романот „Кога ќе стивне прашината “, која би била таа?
Ј.А. :Мислам дека секој читател може да извлече своја лична порака од книгата, која би била различна од на некој друг читател. Убавината на уметноста е во тоа што може да ја доживува, восприема и конзумира според гледиштата, афинитетите и состојбите на поединецот. Но никогаш да не се злоупотребува. Длабочината и ширината на креативното уметничко творење е идентична со онаа на универзумот.
Секогаш предизвикува на истражување, но никогаш не се исцрпува. И самите сме свесни дека при повторно читање на една иста книга од различни временски дистанци, добиваме поинакво доживување и восприемање на истата. Затоа сметам дека дури и јас како автор не би можела да им кажам на моите читатели каква порака треба да понесат од романот. Секој ќе го понесе она што за на него најмногу ќе се „залепи“ и што ќе го вреднува неговата душа.
Искрено, многу ми значи кога добивам повратни информации од моите читатели за тоа како размислуваат и како се чувствуваат после читањето на „Кога ќе стивне прашината“. Какви емоции им предизвикува и какви размислувања им продуцира. Честопати добивам пораки дека откако еднаш ја прочитале книгата, добиваат порив повторно да ја читаат, бидејќи имаат чувство и потреба за откривање на нови слоеви и делови од раскажувањето, кое молкум стојат да бидат откриени. И мене тоа толку ме радува како автор, бидејќи тоа е и смислата на моето творење. Ви благодарам!