Кога бракот е пион на општетсвениот шаховски механизам: „Ако останеш дома“ – Претстава што задолжително треба да се најде на вашиот репертоар

Кога „нашиот“ хумор e резултат на општествениот очај! – „Ако останеш дома“ Претстава за тажната слика на секојдневието, рутината, публиката.

Според нас како публика, важно е да одиш на претставата порано. Затоа што најпрво го мирисаш воздухот надвор, палиш тутун, се готвиш за уште една емоција. Уште еден ролеркостер кој остава трага. Тоа е некој „адет“, култ кој ти го развива душата. Потоа влегуваш во фоајето и го мирисаш театарот. Тендeнциозно се движиш на кај сцена и започнуваш да откриваш. Тоа е филинг, тоа е мајсторијата и на актерот и на сцената и на публиката. Како што еден пријател актер ми рече неодамна: „Мајсторијата на еден актер е не само да пренеси емоција кон публиката. Мајсторијата е да се игра заедно со публиката.“ Зборуваме за претставата „Ако останеш дома“, на Јован Ристовски.

„Ако останеш дома“

Како камерна претстава (веројатно наменски), не сместија удобно и веднаш станавме дел од приказната. Лично ја обожувам оваа сценска поставеност на која публиката е непосредно до сцената. Некако на „ТИ“ си со приказната. А доколку е убава, заедно сте тоа ТИ.

Васко Мавровски и Јулијана Мирчевска го постигнаа тој ефект, така што и ние бевме дел од нивното цело. Најпрво од сценографијата. Уште во првиот момент, ако умееш со гатанки, некако чувствуваш дека е тесно. Претставен беше стан, обичен. Навидум достојно уреден, минимализам кој ветува дека нема ништо сложено. Ентериер што слепо ги следи стилските трендови. Но, ова нема да биде обично, си помисливме. Секогаш, зборувам дека сцената, заедно со светлото и музиката, играат релевантни ликови, а улогата на оваа сценографија зборуваше пред да зборуваат актерите. Станот полека стануваше кафез. А птиците кои ги имаа како миленици сопружниците, беа всушност оние кои се надвор од него. Но, она што и режисерот го нагласи, се препознавме во тие птици кои полека умираат: Во претставата мажот и жената се симболично претставени во кафез и во публиката гледаат птици кои што го изгубиле духот и ја изгубиле сопствената музика – истакна Јован.

Каде одлетале нашите птици? Зошто нема музика?

Дали сме всушност несреќни? А дали таа рутинска проверка на емоциите која тврди дека е сѐ ок, а е далеку од тоа, се должи само на политичката дискфункција што се случува со децении? Веројатно онаа меланхолија си ја носиме како вроден код. Вроден или допрва ќе го раѓаат нашите идни генерации. Чувство на беспричинска тага која до толку е очајна што преминува во хумор. Јован Ристовски, режисерот на претставата „Ако останеш дома“ ја зема птицата како вечен симбол на една слобода. Но, во овој презент слободата е во кaфез.

Она што мене ме интригира и фасцинира истовремено, е тоа што сѐ изгледаше како навидум да гледаме урнебесна комедија. Претставени беа класични ликови на сопрузи што го влечат стереотипот на маж и жена во балканска брачна заедница.

Но, она што е најинтересно е фактот дека оваа приказна всушност се декларира како тажна.
„Ако останеш дома“

Видовме брилијантна мајсторија на Мавровски кој изигра феноменална комедија. Васко и Јулијана претставија брутално пресликување на реалноста. Мажот постојано се жали, жената трча околу него. Мажот „глуми“ алфа, таа е секогаш уморна домаќинка. Тој сака, таа не! Претставата го следи клишето на една (повеќе) балканска жена, а од друга страна глуми одговорна, емпатична кон светот, колегите, тимот, системот, трендот. И ако ги тргнеме на страна „алгоритмите“ кои го следат сарказмот, стереотипот и сатирата, веднаш стануваме свесни дека нашиот хумор е резултат на очајни ситуации. На општествениот крах во кој се наоѓаме ние како ликови во нашиот сопствен театар или нашиот кафез. Така, приказната доживува трансформација и станува не толку смешна.

Фотографии од премиерата на претставата „Ако останеш дома“

Што е жената, а тука меѓу редови и што е бракот? Пиони на денешниот општествениот шаховски механизам. Само вештачки кукли кои ги манипулираат. Така, преку репликите на Мавровски, им стана јасно и на оние кои се смеа, се смеат, а не знаат зошто. А не знаеме зошто.: „Добро дојдовте во општеството! Слободно уживајте и бидете свои! Сакајте го своето тело… Но, не премногу зашто ќе ве распне…/ …Ќе ви кажат дека сте безвредни, дека не смеете ни глас да изустите…/…Потоа ќе плачат.. кога в гроб ќе ве спуштаат…/ Дури не сфатите дека нема начин назад да се вратите! “

Она на кое ние како публика се воодушевивме, е што на крај сакаш уште, а всушност знаеш дека нема повеќе. Така е и со животот. А добра книга, филм или претстава е онаа која ќе направи пресврт во последна минута. Добра фудбалска утакмица најповеќе се памети по тоа.…По адреналинот притиснат од кусото време пред крајот.

Кој е виновен што сме тажни? Кругот се стеснуваше со помош на едноставни реквизити кои исто така играа улога. Ножот имаше јасна улога. Не сакаме само да јадеме, туку и се закануваме. Или ќе живееш или ќе преживееш! Клопчето вуница, иглите и полусплетениот шал, јасно го евидентираа досадното секојдневие што го трпиме со години. А потоа како перфектен финиш, вуницата се искористи како одврзано клопче кое уште повеќе го стеснуваше кругот, животот, кафезот. Таванот пак ја имаше главната функција. Ротираше горе и долу, се дури не дојде до критична точка, каде не „смачка“.

„Ако останеш дома“ – Фантастична приказна за тагата…Кога несреќата доаѓа од општеството, бруталното сиромашното и рутината. Кои сме, каде одиме и кога ќе крахираме? Ова е претстава што потврдува една констатација: Упорно се обидуваме да имаме живот, барем во некаква смисла… Мислиме дека имаме хумор, а забораваме дека тој е резултат на општествениот очај.

Аплауз и уште еден бис за цела екипа.

АПЕЛ ДО ПУБЛИКАТА: Дечки одете на театар!

Би поентирале со цитатот на режисерот: „Станува збор за секојдневна приказна во која ќе се препознаат млади брачни парови. Инспирацијата за претставата ми беше секојдневието на обичните луѓе. Мојот впечаток е дека народот е несреќен повеќе од три децении без разлика која политичка партија е на власт. А сиромаштијата прави лоши состојби во духот кај еден човек.“

Пишува: Елена Трпковска Наумовски