Мистеријата за плачењето и прашањето зошто плачеме, сепак останува мистерија. И покрај тоа што ги знаеме нејзините цели – од сосема едноставниот чин да ги држиме очите „подмачкани“ до екстра сложената задача да го исфрлиме дистресот од умот и телото.
Плачењето како искуствено доживување е феномен кој докажува дека имаме капацитет за длабоко чувство на меѓусебна интеракција. Во човечкиот род има и такви, не да нема. Не има секакви. Нити плачат, нити се смеат. Можеби многу одамна потрошиле многу солзи и во моментот, немаат вакви „стокови резерви.“ Кога ги имало, солта се фрлала по асфалтот , „да нема лизгање и недај боже, скршеници.“
Плачењето не е само биологија. Тоа е длабоко испреплетено со нашата психолошка состојба.
Дополнително сигнализира на потребата од утеха или помош. Можеби затоа не е добро кога плачете во „соло“ амбиент. Нема кој да ве слушне.
Ама сепак, плачете. Ќе ви олесни. Ако сте маж, не сметајте дека тоа е знак на слабост. Исплачете се машки. Добро е за здравјето. Ќе го стимулирате производството на ендорфин, природниот лек против болки и хормонот за „добро чувство“. И уште нешто. Ќе го активирате парасимпатичниот нервен систем и ќе му помогнете на телото добро да се одмори . Толку добро, како да сте на лежалка на плажа. Верувале или не.