Што кога „Те сакам“ станува навика?!

Што кога те сакам станува навика

Растевме со бајките на Дизни и верувавме во некое си чудо на бел коњ или обратно. Во некоја принцеза која тој џентлмен со убава руса коса ќе ја спаси таа девојка од замокот или од секогаш „лошите“ ликови и противници што и пречеле на таа приказна да заврши во едно големо фамозно, најискористено и злоупотребено „…И така си живееа среќно до крајот на својот живот!“ Но, дали засекогаш навистина го мислеа „Те сакам“?

Но, што навистина би се случило со Пепелашка, Ариел, Снежана и безбројните ликови, без да ги имаме во предвид нивните втори и трети продолженија, кои да се разбереме се чист маркетиншки трик. Се прави ли пари на љубовта? Што значи тоа „засекогаш“ и дали „те сакам“ вечно ќе живее?

Многумина се заглавени во тие бајки и верувања и секогаш ќе го чекаат тој епски момент кој веројатно ќе биде нова инспирација за Дизни, Пиксар и многу автори на такви нереални бајки. Барем така се уверуваат. Барем така не уверуваат.

Може ли „те сакам“ да стане навика? – Може доколку вие си дозволите.

Дали љубовта е едно големо шоу? Дали љубовта има гаранција? 

Не. Никој не ви гарантира дека туку – така ќе си живеете среќно до крајот на вашиот живот. Никој не гарантира дека целиот живот ќе ви мириса на истите цвеќиња со кои сте ја украсиле салата за вашата свадба. А исто така и никој не ви гарантира дека брендираните чевлички ќе стојат одлично на вашите стапала до крајот. Сигурно и Пепелашка се здебелила или ослабела, па  бројот на стаклените чевли не бил соодветен за оваа убавица. Една од многуте. Пепелашка ги бараше чевлите, Снежана гризна јаболко, Петар Пан сакаше Венди никогаш да не порасне. Но, која е латентната поука на вечното „те сакам“?

Никогаш никој од јунаците не се откажал или барем во мигот на откажување, секогаш се случува чудо.

Животот можеби не е бајка, но треба да се „пишува“ со отворени очи. Трпение е зборот кој претставува клуч за она што е вечно. Никој не може да ви гарантира дека ќе ве сака вечно, но ни вие не можете да гарантирате некому дека ќе го сакате вечно. Останува само да се потрудиме да веруваме во тоа чудо, но и да го креираме. Овде не постои Волд Дизни да создаде совршен крај, а тоа „И така среќно си живееја“ останува на вас како автор. Така да, не дозволувајте му простор на „те сакам“ да стане навика. Борете се до крај, а кој е тој крај? Епа тоа никој не го знае.