Контрадикторност на постоењето и кршење на кругот – Колумна на Марија Трифуновска Тасеска

Контрадикторност на постоењето и кршење на кругот – Колумна на Марија Трифуновска Тасеска

Опседната сум со геометријата. Има нешто прекрасно во прецизноста на геометриските форми и фигури. А, од друга страна па, по природа сум личност која се снаоѓа во хаотичноста. Ништо, никогаш, околу мене не е совршено наредено и скоцкано, не е наместено под конец. Ништо. Ништо не е по некој редослед натокмено, туку нештата околу мене си постојат во некое безредие на кое сепак знам да му го најдам крајот бидејќи на очиглед ми се и почетокот, и крајот и сите составни делови.

И тоа, нештата да немаат точно свое место, си е завиткано во некоја посебна убавина – си има свое себство. А себството го јадрува животот. Затоа животот им расте засекогаш расцутено само на малкумина и ги крева во невидени висини. Не секој, или поточно – речиси никој и да не умее во себе да негува себство. Вечно оковано со тежини е тоа да се има себство во висина бидејќи за да се блесне меѓу ѕвездите – треба прво да се одврзете од земјата и без страв, а со верба да ѝ се препуштите на Небесата.
Само редок вид на нешта во светот го можат тоа. Малкумина од видот човечки умеат да постојат најгоре.

Трагедијата е што секој за себе си мисли дека токму тој е на врвот на светот не сфаќајќи дека таквата мисла се влечка низ звуците на апсурдот.

Оти за да си на врвот, прво треба да ја изградиш планината, или светот (кога веќе сакаш да си на врвот на свет).
Да, за чудо, по некоја логика која за жал е ендемична, нештата се градат од најдолу, а не обратно – од најгоре. Треба да ги засукаш ракавите и да ги активираш мозочните клетки најчесто во комбинација со физичките мускули и тогаш да почнеш, сам, земајќи од способностите и дарбите што ги умножуваш во себе – да градиш. Дел по дел, со цврсти темели што нудат нешто од тебе – она најдоброто. Треба да се оставиш себеси во градбата што ја создаваш, та да успееш најгоре да стоиш. Треба несебично да се раздадеш себеси за душата на другите, за до врвот да стигнеш. До врвот што сам ќе го изградиш.

За да си некогаш на врвот и таму да постоиш, прво треба сам, од себеси да го створиш. Тоа не е нималку лесно – ветришта треба да скротиш и умот мора од уздите на секојдневието да го ослободиш па да можеш вистински да мислиш.

Просторот до врвот само ветровите го замаглуваат. Не умееш ли вистинските да ги фатиш, толку од тебе, заглавуваш на сред некаде, во круг празен. Затоа е битно на вистинските ветрови, животот да им го предадеш па да те водат во точните правци.

Некогаш, иако може нам да ни изгледа дека некој ветер се бори против нас и ја користи силата своја за подоцна со поразот наш да се насладува, вистината можно е да е друга. Тој ветер можеби само дува најсилно што може за да нѐ подигне од земјата на која сме се заглавиле и да нѐ крени највисоко што може. Целта на сѐ тоа (подвизувањето на ветерот) е да ни помогне да согледаме дека таму горе има најмногу место и таму горе има најмалку гужва (по законот на логиката). И, можеби, токму таму горе, припаѓаме.

Можеби ветерот се обидува и покрај нашето противење, со цела сила да нѐ однесе дома. Таму каде што има среќа. Но, ги одбира само оние кои се свесни дека – Среќата е побитна од победа. Посебно во свет каде сите се трудат на секој можен начин (најчесто неправеден) да победат.

Тука, полесно е човек да победи отколку да биде среќен. За бидувањето среќен, неопходни сврзни ткива се способноста да се биде со највисоко развиена свест за себеси и за сѐ околу себе, а истовремено да се умее да се тлее најдолу во сржта на едноставноста.

„Како да се постигне рамнотежа, на клацкалка со две страни, а ти, само една личност на неа?“ – Сигурно се запрашавте, како што се запрашав и јас.

„Треба ли ние, здраворазумните (барем со колку-толку здрав разум), да се затвориме некаде, во празен круг, за да се заштитиме и спасиме од лудаците кои го презедоа светот?“

Ако ова беше едно од првите прашања што ви слета во умот, не паничете. Не е тоа точниот начин. Зарем не го правиме веќе тоа? Веќе сме во кругот, не живееме, само сме таму и преживуваме.

Ние, сами си се заградивме во нешто кое нема ни почеток, ни крај, а во средината сме ние, животогубиме. Бидејќи откако престанавме вистинските болести да ги именуваме по името нивно – болест, цело општество се разболи комотно, а совеста доби забрана за пристап до умот. И сега болните, невознемирени, мислат дека да се чекори по светот гордо и исправено – нормално е.

Не е!
Скрши го кругот!

Ако постојано во истиот круг вртиш, тогаш, со вртоглавици, лошење и дијагноза за болест ќе завршиш. Болест ќе ти биде точката во животот и ќе означи не дека само со постоењето си завршил, туку и ништо (освен животогубење) не си направил пред истата таа точка.

Хрчакот само врти, не живее, туку чека во некој дел од кругот, срцето да му застане и вртењето да заврши. Физички, движењето за телото може и полезно да е. Ама кога ќе почнеш со вртење, внимавај да не се заборавиш (кој си и каде си), оти удобноста знае топло и навидум безбедно легло да ти скрои. Внимавај, кога во кругот ќе влезеш и ќе почнеш да вртиш – не заборавај дека животот, надвор од кругот е.
А, ако внатре останеш и заглавиш – битие веќе не ќе си, во обичен механизам кој се врти сѐ додека не прегори, ќе се сториш!

[post_tags]