Во организација на Македонско научно друштво – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и Француска алијанса – Битола, на 4 февруари 2026 година (среда) во 10 ч. во Студентски информативен центар при УКЛО (СИЦ) се одржа книжевна средба со наслов „Поезија без граници“ со познатиот француски писател Жоел Верне.


На настанот учествуваа проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, универзитетска професорка, поетеса и претседателка на МНД – Битола, проф. д-р Зоран Николовски, универзитетски професор на УКЛО, Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, почесен конзул на Република Франција како и ученици од Француска алијанса – Битола предводени од директорката Каролина Потел Златевска.


„Оваа книжевна средба е посветена на моќта на зборот – збор што патува меѓу два јазика, францускиот и македонскиот, и притоа ги премостува културите, искуствата и тишините меѓу луѓето. Тука сме за да го доживееме јазикот на поезијата, а со тоа да навлеземе во длабочините на човечката душа, да го напипаме тоа што е заедничко, човечко и хумано, без оглед на јазикот на кој тоа е изговорено“ – рече проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска на почетокот.

На настанот на беше промовирано и специјалното издание на реномираното француско списание Rumeurs ,,Voix des Balkans” https://www.larumeurlibre.fr/catalogue/collections_la_rumeur_libre/revue_rumeurs/revue_rumeurs_n_14_15_juin_2025_rumeurs_revue_actualite_des_ecritures) од 2025 година во кое се објавени шест значајни македонски поети и тоа: Даниела Андоновска-Трајковска, Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски и Борче Панов преку читање на поезија и на македонски и на француски.


„Овој број на списанието Rumeurs на некој начин претставува антологија на современата балканска поезија, бидејќи во него на околу 300 страници се застапени репрезентативни и реномирани поети од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Подготовката на ова издание траеше три години, така што во тој временски период успеав да сретнам извонредни поети кои воодушевуваат со силата на зборот што провоцира на размисла и предизвикува интензивна емоција… Во Битола доаѓам повеќе пати и тоа речиси секоја година почнувајќи од 2021 година кога бев учесник на Струшки вечери на поезијата и можам слободно да речам дека добро ја познавам. А тоа што особено ме воодушевува се луѓето, пријателите кои тука ги стекнав, но и старата архитектура, црквите, малечките улички, Стара Чаршија, Широк Сокак и сè што го носи печатот на своето време“.

Настанот заврши со поезија од Жоел Верне која тој ја нарече легната поезија која не дозволува да биде скршена на стихови, поезија која има приказна, а сепак е песна.

КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ЖОЕЛ ВЕРНЕ
Жоел Верне е роден во едно село на границата од Haute-Loire and Lozère departments. Своето детство го поминал номадски на различни места во Франција. Подоцна се вратил во Маргериде, неговото родно село, и основал семејство. Тоа му биле години на среќа поврзана со природата, но и длабока самотија. Тој развива голема страст кон францускиот јазик, окситанскиот јазик, а развива и бунтовен дух. Во домот немал книги, но постоела длабока фасцинација од селаните ‘кои зборуваат како принцови’. Во 1975 година се преселил во голем град. Потоа следувало неговото прво патување во Западна Африка. Живеел во сиромашните населби на африканските престолнини. Ги истражувал алжирската Сахара, планините Орес, северен Мали, Судан и Египет. Подоцна тргнал на повеќе патувања низ светот, кои го одвеле во Централна Азија, Југоисточна Азија, Кавказот, Европа, Русија, Турција и Украина. Две години живеел во Алепо, Сирија. Со текот на годините, Жоел Верне објавил повеќе книги кај издавачите Lettres Vives, Fata Morgana, Cadex Éditions, L’Escampette, La Part des Anges, Le Temps qu’il fait, La Part Commune, Le Réalgar и La Rumeur Libre — дела што не можат да се класифицираат ниту како класична поезија ниту како патопис, а кои го слават и минијатурното и грандиозното и блиското и далечното.
Во 2021 година ја добива поетската награда „Ередија“ на Француската академија за книгата L’oubli est une tache dans le ciel („Заборавот е дамка на небото“) објавена од Fata Morgana. Во 2025 година му е доделена Големата награда за поезија „Робер Ганзо“ за книгата Mon père se promène dans les yeux de ma mère („Мојот татко се шета во очите на мајка ми“), објавена од La Rumeur Libre, како и за целокупното негово творештво. Исто така во 2025 година, тој ја координирал антологијата Voix des Balkans („Гласови на Балканот“) за списанието Rumeurs, во издание на La Rumeur Libre во која се објавени шест македонски поети и тоа: Даниела Андоновска-Трајковска, Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски и Борче Панов. Во август 2021 година е поканет на Струшките вечери на поезијата и оттогаш неколкупати се враќа во Северна Македонија.















