Финиширани подготовките  за 12то издание на „Битолино“

битолино

Финиширани подготовките  за 12то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Оваа година од 03.08 до 07.08 во Битола ќе се одржи 12то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ под мотото „Следи ја светлината“. Фестивалот ќе се одржи на сцените на НУ Центар за култура, Битола.

 ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно е проект од национален интерес во културата за 2023, финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2023 година.

 „Битолино“ започнува на 03 Август со театарска работилница со наслов „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, со што ја продолжуваат традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто.

Бабец театар оваа година на сопствена иницијатива заедно со НУ Театар за деца и младинци од Скопје го формираа Македонскиот национален центар АСИТЕЖ кој на ова издание на ИДТФ „Битолино“ ќе ја започне својата мисија.  „Свесни сме дека нема да биде лесно, но наш единствен адут е квалитетот кој многупати сме го потврдиле, еден пример за тоа е освоената награда за најдобра женска улога на актерката Јулијана Мирчевска за улогата на Марика во претставата „Јованче и Марика“ во продукција на „Бабец театар“ на 1от Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на НУ „Театар за деца и младинци“ од Скопје.

 За четрнаесеттата сезона на „Бабец театар“ најавуваме две премиери „Сонувачи“ работена според најубавите бајки на Браќата Грим и претставата „На гости кај Кат и Фред“ од германската авторка за деца Ингрид Вон Задов“, додава Мавровски.

 На Новата сцена – НУ Центар за култура Битола честа први да настапат на дванаесеттото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на првиот македонски професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“ кои ќе настапат со претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов. После нив на Големата сцена на НУ Центар за култура Битола ќе настапат „Куклен театар Марибор“ од Словенија со „Срце во темнината“ во режија наТања Лужар.

 Следните денови на Битолино гостуваат: „Мил Рострос“ театарот од Мексико со куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата за деца „Mирно! статуата што го обиколи светот“во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи и во изведба на гостите од Кипар. Третиот фестивалски ден ќе започне со претставата-мјузиклот „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од далечниот Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир, потоа следува уште една изведба на куклената претстава „Малиот џин“ во режија Ним Гардуњо и во изведба на „Мил Рострос“ театарот од Мексико.

На 12то издание на ИДТФ Битолино за прв пат ќе настапи група од Грција, станува збор за Театарската група „Хипо“. Тие ќе ја изведат претставата „Скитници“ на 6-ти август, во режија на Александрос Раптис, Фотис Доусос . Втората претстава на четвртиот фестивалски ден „Под половина капка вода“ доаѓа од Србија во продукција на „Станица – сервис за современ танц“. Претставата е во режија на Јована Ракиќ Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ . Последната претстава за овој фестивалски ден ќе биде „Каде е Фофо?“ авторски проект на победничката на5то издание на ИДТФ Битолино Рути Тамир од Израел . Поради ограничениот број на гледачи и идејата претставата да биде достапна за што повеќе деца, последниот фестивалски ден ќе започне со претставата во продукција на „Станица – сервис за современ танц“ од Србија.

Претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои ќе отворат  нови полиња за креативно размислување кај децата.

Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот. Оваа година за прв пат пријавени се повеќе од 30 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и е исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и ИДТФ „Битолино“, ” изјави Васко Мавровски директор на ИДТФ Битолино.

Брендот „Бабец театар“ кој цели 13 години успеа да опстане како професионален детски театар со 21 премиера и над 59.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (14.600) имаше можност да погледне 73 претстави од 40 театри кои во Битола допатуваа од 26 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и како што ни изјавија, ќе направат  „оваа приказна“ да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата.