Павел Николоски од Прилеп, учесник во проектот Младинска медиумска лабораторија разговара со наставничката Тамара Гроздановски, која за учениците во ОУ „Коле Канински“ во Битола организира интерактивни работилници за борба со лажните вести и дезинформациите, со посебен акцент на влијанието на медиумите врз младите. Ако не знаете да препознаете што е вистина, може лесно да бидете измамени. Затоа медиумската писменост е исклучително важна, вели таа. Медиумската писменост е дел од наставната програма по македонски јазик од IV до IX одделение.
Колку е важно медиумската писменост да биде дел од формалното образование?
Тамара Гроздановски: Многу е важно. Вие секојдневно користите интернет и гледате видеа, читате објави. Ако не знаете да препознаете што е вистина, може лесно да бидете измамени. Затоа медиумската писменост е исклучително важна. Сега е дел од програмата по македонски јазик, но можеби треба да се размислува да биде посебен училиштен предмет. Денешните ученици растат со многу информации околу себе, на интернет, телевизија, на социјални мрежи. Сакам да им помогнам подобро да ги разбираат и препознаваат вистинските од лажните вести.
Како учениците ги примија новите сознанија од областа на медиумската писменост?
Тамара Гроздановски: Најмладите можат да бидат многу внимателни читатели ако им се објасни на разбирлив начин. Ме изненади нивниот интерес и колку лесно почнаа да препознаваат дезинформации.
Фотографии: Фејсбук профил на ОУ Коле Канински Битола – час по медиумска писменост
Што најмногу ги интересираше учениците на работилницата?
Тамара Гроздановски: Беа најмногу заинтересирани за тоа како се манипулира со фотографии и наслови. Кога видоа примери во кои истата фотографија се користи за различни вести, почнаа да поставуваат одлични прашања.
Како им објаснувате што се дезинформации и зошто некој ги шири?
Тамара Гроздановски: Им кажав дека дезинформации се невистинити или манипулативни содржини кои имаат за цел да не збунат, исплашат или натераат да веруваме во нешто што не е точно. Луѓето ги шират понекогаш од незнаење, а понекогаш и намерно, за да имаат некоја економска корист или за влијание.
Фотографии: Фејсбук профил на ОУ Коле Канински Битола – час по медиумска писменост
Дали учениците знаеја што значи „лажна вест“ пред да учестуваат во работилници за медиумска писменост?
Тамара Гроздановски: Некои имаа претстава, но многумина не знаеја точно што е. Кога им покажав пример , наслов што звучи страшно, а во текстот пишува нешто сосема друго, тогаш им стана јасно.
Како се чувствуваа учениците кога сфатија дека можат да бидат изманипулирани?
Тамара Гроздановски: Беа изненадени. Некои дури и малку налутени, како и зошто некој да лаже и да ја извртува вистината. Но, тоа беше добар момент за учење. Разбраа дека треба да бидат внимателни.
Фотографии: Фејсбук профил на ОУ Коле Канински Битола – час по медиумска писменост
Зошто луѓето споделуваат лажни вести?
Тамара Гроздановски: Затоа што понекогаш не проверуваат што споделуваат, а понекогаш сакаат да ја шокираат публиката или да добијат повеќе лајкови.
Дали учениците учат како да проверат дали некоја вест е вистинита?
Тамара Гроздановски: Да, учат неколку едноставни чекори, да ја проверат страницата од каде доаѓа веста, да побараат и други извори, да обрнат внимание на датумот, насловот и авторот. Преку оваа работилница, учениците научија дека зад секоја фотографија, вест или видео може да се крие порака, но и манипулација. Медиумската писменост не е само способност да се чита и гледа, туку и да се разбере, да се праша и да се провери.
Ќе продолжите ли со вакви активности и понатаму?
Тамара Гроздановски: Секако. Сакам да продолжиме со уште повеќе практични примери и игри. Медиумската писменост е супермоќ, но не се учи одеднаш, треба постојано да се вежба.
Павел Николоски
Интервјуто е реализирано во рамките на проектот „Младинска медиумска лабораторија“ во чии рамки млади од Битола, Прилеп, Ресен, Крушево, Могила и Новаци низ серија обуки и менторска програма ги зајакнуваа своите капацитети во областа на медиумската писменост и учеа да продуцираат одговорни медиумски содржини.
Проектот го имплементира граѓанската организација „Граѓански Патеки“ во партнерство со здруженијата „ИКТ Свет“, „Журналист“, „Од млади за млади“, „Младинска Граѓанска Акција“ и „Еко герила Преспа“.
Активностите се спроведуваат во рамките на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, која се имплементира со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Илустрација: Adobe Express