Легендарната „Не кажувај либе добра ноќ“ оживува повторно – овој пат во изведба на Огнен Здравковски
Една од најубавите македонски песни што остави неизбришлива трага во народното музичко творештво – „Не кажувај либе добра ноќ“ – сега е спакувана во ново руво. По незаборавните изведби на Петранка Костадинова, Васка Илиева, Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчевски, браќата Тавитјан и Нина Бадриќ…, оваа безвременска песна повторно ќе го допре срцето на публиката, сега преку гласот на Огнен Здравковски – еден од наследниците на лозата на авторот Наско Џорлев.
„Не кажувај либе добра ноќ“ со музика и текст на Наско Џорлев, е еден од симболите на македонската музичка душа.
Нејзината длабочина, емоција и меланхолична убавина сè уште одекнуваат низ времето.
„Од сите песни што ги има напишано дедо ми – „Не кажувај либе добра ноќ“,„Фато мори душманке“, „Во Струмица на улица“, „Кажи ле облаче бело“… – токму „Не кажувај либе добра ноќ“ ми е најблиска и чест ми е што за неа е направена верзија која ја пеам јас. Ми буди убави спомени, посебно на мојот вујко, Зоран Џорлев, кој има создадено инструментална верзија. Чест ми е да ја отпеам и да ја приближам до новите генерации“, вели Огнен.
Изведбата на Огнен е дел од продолжението на проектот „Македонијо, во срце те носиме“, што под водство на Скендеровски продукција, успешно ги спојува традицијата и современите музички изрази. Зад аранжманот стои маестро Николче Мицевски, кој со својот препознатлив сензибилитет ѝ дава нова светлина на оваа незаборавна тема.
Проектот ја продолжува својата мисија: да ги слави македонските корени преку гласовите на современи изведувачи – од народната и забавната сцена – обединувајќи ги во една цел: Да ѝ подариме на Македонија нов звук, а на публиката ново доживување.
До крајот на летото, љубителите на македонската музика ќе имаат можност да уживаат во сите композиции од проектот, кои ќе бидат објавувани последователно, во духот на мотото: Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци!
Уживајте во „Не кажувај либе добра ноќ“ и изведбата на Огнен Здравковски на песната што ја чува тагата, љубовта и вечната убавина на македонската душа: