ПЕДАГОШКИОТ ФАКУЛТЕТ – БИТОЛА И МАКЕДОНСКОТО НАУЧНО ДРУШТВО – БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖАА 21 ФЕВРУАРИ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК СО РАБОТИЛНИЦА „АВТОРСКИ НЕОЛОГИЗМИ“

Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво – Битола организираа работилница со наслов „Авторски неологизми“ по повод 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Работилницата наменета за студентите се одржа во просториите на Факултетот, а ја реализираа м-р Елизабета Јончиќ, професор по македонски јазик и книжевност и асистент м-р Марија Стојаноска, докторанд на Педагошкиот факултет – Битола. Студентите преку интерактивни методи беа поттикнати да се вклучат во анализата на неологизмите во поезијата на Гане Тодоровски и Весна Мундишевска-Велјановска, откако им беа претставени употребените зборообразувачки техники, а потоа и сами создаваа неологизми.

„Авторските неологизми имаат значајно влијание врз развојот на македонскиот јазик. Тие не се само плод на творечките можности на писателите, туку и прозорец за да ги разбереме развојот на јазичниот фонд и неговата динамика. Процесот на создавање и употреба на нови зборови не само што ја збогатува лексиката на јазикот туку и ги поддржува неговиот развој и неговото приспособување според современите потреби и правци на движење“ – пишува м-р Елизабета Јончиќ во предговорот на својата книга „Авторските неологизми во поезијата на Весна Мундишевска-Велјановска“ објавена во 2024 од МНД по претходно одбранета магистерска теза на таа тема на Педагошки факултет- Битола.

„Кога создаваме на мајчин јазик тоа е исто како да се истражуваме себеси во јазикот, но и да дозволуваме јазикот да нè обликува до таа мера што ќе мислиме и ќе дејствуваме со негово посредство… Поетите и писателите се волшебници, алхемичари на зборот, експериментатори со јазикот и тие намерно ја пореметуваат синтаксата, нижат зборови кои гласовно се совпаѓаат, спојуваат навидум неспоиви семи, но и создаваат сосема нови зборови кои не постоеле до тогаш во јазикот. Во тој контекст е и оваа работилница која има цел да ги доближи авторските неологизми на современите македонски автори до младата популација и да покаже дека книжевноста е поле за бесконечни и инвентивни реализации на јазикот, но и дека јазикот се чува, но и се пресоздава во книжевноста“ – рече претседателката на Македонското научно друштво – Битола, д-р Даниела Андоновска-Трајковска, писателка и редовен професор на Педагошки факултет – Битола во своето воведно обраќање.

[post_tags]