„Млади академски гласови“ – Науката поблиску до граѓаните

Настанот „Млади академски гласови“ (МАГ), кој се одржа на 7 февруари 2025 година во просториите на Македонското научно друштво, понуди свеж и интригантен пристап кон науката. Студентите по англиски јазик и книжевност од Педагошкиот факултет – Битола, УКЛО – Битола, имаа можност да ја доближат академската мисла до граѓаните, докажувајќи дека науката не е далечна, сложена или неразбирлива, туку напротив – лесно прифатлива, интересна и присутна во секојдневието.

Темите што ги обработија беа разновидни и актуелни: од врсничко насилство и предрасуди, преку зависноста од материјални нешта, до значењето на хобијата како лек за душата и начини за препознавање лаги од бихејвиористички аспект. Нивните излагања се потпираа на научни истражувања, факти и експерименти, а иако говорите беа на англиски јазик, за публиката беше обезбеден превод.

Она што го направи настанот посебно динамичен беше интерактивноста – посетителите имаа можност да поставуваат прашања и да учествуваат во дискусијата, што создаде пријатна и отворена атмосфера за размена на идеи меѓу студентите, професорите и присутните граѓани.

[post_tags]