Мултитаскинг: Предност или шанса истовремено да „зафркнеме“ повеќе работи?

мултитаскинг

Мултитаскинг- бесмислица или пример за ефикасност?!

Најдобриот одговор на оваа супер популарна тема во нашето секојдневие со која ќе се сложат експертите, го даваат авторите на книгата „Само едно е важно“, Гари Келер и Џеј Папасан.

„Луѓето кои прават повеќе работи одеднаш едноставно ништо не прават добро. Луѓето всушност се способни да вршат две или повеќе работи во исто време. Па така, да  речеме,  можат да зборуваат додека одат или да џвакаат гума за џвакање додека читаат мапа. Не можеме истовремено да посветиме еднакво внимание на двете дејствија. Го поместуваме фокусот од содржина на содржина што резултира со сериозни последици: Два авиони ќе добијат дозвола да слетаат на иста писта; пациентот ќе добие погрешен лек; детето ќе остане без надзор во када полна со вода… Ова се случува во настојувањето истовремено да се прават повеќе работи одеднаш.

мултитаскинг

Денес и детето додека учи испраќа текстуални пораки, слуша музика или можеби гледа тик-ток… A пак, што се случува на работното место на возрасниот? Додека вредно го завршувате својот проект, колегата покрај вас го напаѓа кашлица. Ве прашува дали имате нешто што би му ги олеснило тегобите. Истовремено ви пристигнуваат електронски пораки кои не запираат, нови вести на друштвените мрежи кои ви бодат очи, а мобилниот телефон вибрира секогаш кога ќе стигне нова порака.

Вознемирувања, прекинувања, осуетувања

Истражувачите пресметале дека вработениот на работното место го прекинуваат во просек на секои единаесет минути, така што речиси третина од денот се троши на закрепнување од тие вознемирувања. И покрај тоа, веруваме дека сме недопирливи и способни да ја завршиме работата во предвидената временска рамка.

Но , тоа е самозалажување.  Мултитаскингот е измама. Поетскиот лауерат убаво вели:„Тоа што го нарекуваме мултитаскинг, будистите го нарекуваат мајмунски ум. Всушност се кинеме.“

Стив Јузел ќе додаде: „Мултитаскингот е само голема веројатност истовремено да „зафркнеме“ повеќе работи.“