КОЛУМНА – Хигиена на умот и хигиена на душата

Хигиена

Хигиена на умот и хигиена на душата – Клаудија Лутовска

Постојано го чистиме и проветруваме домот, поудобен е таков, а нам ни прави задоволство чистата и освежена просторија. Зошто не правиме хигиена на умот и хигиена на душата? Зошто не го чистиме насобраното ѓубре во умот и не ја проветруваме и освежуваме душата?

Терминологијата хигиена означува одржување на чистота, потенцирам „одржување на чистота“. Може ли умот да се контаминира, да насобере ѓубре, да се загади? Ако го товараме со лоши мисли, ако го оптеретиме со неважни работи, дали го окупираат? Дали таков, неисчистен, умот може да не носи во заблуди, во неуредни односи, во неуредни мисли?

Хигиена

Можно ли е да си го средиме, да си го исчистиме умот, да си ги средиме, уредиме мислите?

Постарите кога некој ќе избега од контрола викаат: „бери си го умот дете!“. Ако се благословува некој човек се вели: „Господ да му го чува умот“. Кога нештата на кои мислиме се во некое безредие викаме: „умот му е расеан“.

Дали може да се исчисти умот, дали може да се средат мислите? Може ли да се уреди текот на размислувањето, а да се минимизираат бесцелни, некорисни мисли и оптеретувања? Нели е тоа хигиена на умот?

Техниката која најчесто за сѐ ја предлагаат филозофите и психолозите е со запишување… Да се запишат приоритетите, целите… Патот до остварување на целите, и се заедно да се стави во фокусот. Тоа би требало по афтоматизам да е дефинирано со уредувањето. Ако ги надминеме стравовите, залудното потрошено време на предрасуди, залудно потрошено време на банални работи, на бесцелни озборувања, на илузии, и ако сето тоа го отфрлиме, не е ли тоа чистење на мислите и чистење на умот.

Некои култури како хигиена на умот предлагаат медитација. Некогаш во компјутерскиот свет си го нарекуваат да се дефрагментирам… Некои култури викаат да си отворам чакри, а некои луѓе си го чистат умот со молитви. Кое решение, техника, модел по сопствено видување и да го примените, епилогот е ист. Сте го исфрлиле непотребното- ѓубрето кое ви го контаминирал умот.

Хигиена

Адем има многу нејасни и нечисти мисли, често размислува за пиштолот, како пиштолот е добро решение за многу ситуации.

Мислеше дека неговиот татко го држи во висока контрола и дека го употребува… Потоа другарите ги гледаше како нужно зло, луѓе кои сакаат да го користат за свои цели… И се му беше испомешано. Еден ден трчајќи, се сопна и толку лошо падна што се здоби со скршеница на раката. Сите оние за кои веруваше дека му се непријатели кои мора да ги поднесува го покажаа своето вистинско лице, го храбреа… Го чуваа, го носеа на доктор, а татко му ги порача сите најскапи можни лекови за да се извлече. И започна неговата трансформација од скептичен зајадлив дечко, да му се топат мислите и да почувствува дека неговите мисли не беа порано на прав пат. Ја започна својата хигиена на умот.

Кога зборуваме за душата, тука би се задржала на комплексноста на истите техники за кои се применуваат за хигиена на умот. Но, душата се контаминира од емоции. Емоциите како страв, вина, колебливост, грижа на совест, гнев, разочарување… Тоа во суштина се загадувања на душата, таа станува вознемирена, немирна, тажна, неуредна, едноставно време и е за чистење. Како една од најдобрите животни филозофии за смирение е христијанската техника, која на душата и го предлага смирението преку верување дека е даден божјиот син за да се простат сите гревови.

Од тука, ова е најлесниот начин да се направи хигиена на душата. Да се исчисти од себе проколнување, од немање самодоверба, од стравови… А исто така и ароганцијата да се стави под контрола. Затоа што ароганцијата и очекувањата се во голема мера контаминација на душата, од каде потекнуваат големи разочарувања. Таквата душа е подложна на неуредност. Неуредни емоции, кои не носат успех и задоволство, туку прекорување, кавгање, нетрпеливост, раздразливост… А во следна фаза на контаминација до депресија, хистерија и ред други сосотојби на неуредност.

Кога душата се прочистува, познати се две исцелителски моменти, простување и благодарност. Кога овие две емоции се спроведат како хигиена на една загадена душа, може да се смета дека таа душа е исчистена, и се вратила чистотатата и спроведена е хигиена на душата.

Хигиена

Марија собираше сѐ и сешто по својот животен пат, нешта кои ја доведуваа до лудило на нетрпеливост и лутина. Таа не можеше да им се спротивстави на ситуациите и луѓето со нивните намери. Ја потиснуваше во себе секоја ситуација, а со тоа ја контаминираше својата душа. Мирот не беше дел од неа. Со тек на време ја сфати пораката дека оваа состојба ја доведува до покачување на крвниот притисок, доби дијабетес, стана раздразлива и настроена за кавгање. Еден ден одлучи да послуша библиски мудрости, да се посоветува со христијанските изреки и псалми и ѝ се случи катарза, низ многу солзи се миеше нејзината душа.

Ја виде својата душа изрешетана, и знаеше дека пред се треба прво да си прости себе си, а потоа и на сите други. Ја разбра пораката дека треба да се засака себе си, а потоа и сите други. Разбра дека подвигот во овој живот не е да се живее залудно, пронајде сила и смисла во проштевањето, љубовта и благодарноста – ја изми својата душа, ја направи потребната хигиена, и секој нејзин ден потоа блескаше во насмевки. Се смешкаше и кога ја кршеа повтроно ситуации и луѓе, но сега се беше поинаку, научи да ја капе својата душа во радост. И се доби друга боја и друга димензија. Димензија на чиста душа.

Доаѓаат периоди во животот на младиот човек кога тој точно знае каков човек сака да биде, која би била неговата најдобра верзија. Таквата свесност го води токму кон хигиена на умот и хигиена на душата. Но, воедно тоа е и најтешката задача, да се промениме.

Кога ќе се видите во која верзија сакате да постоите, треба да ја донесете и одлуката да го отстраните, фрлите, избришете она што ве загадува, едноставно да го фрлите стариот „јас“, и со свесност и хигиена ДА ГО СОЗДАДЕТЕ „ЈАС-ТАКОВ КАКОВ САКАМ ДА БИДАМ“.

И само тогаш вашето лице ќе блесне со отсјајот на душата која сте ја исчистиле од натрупаните глупости и ѓубриња.

Хигиена