Никој не чита мисли – ПРАШАЈ ИЛИ КАЖИ СИ!

Животот со предрасуди, со премногу мисли во кои се заглавува… Живот со претпоставки, кои којзнае дали воопшто имаат било каков основ, е исцрпувачки, а има ли од тоа ефект? Никој не чита мисли– ПРАШАЈ ИЛИ КАЖИ СИ!

Клаудија Лутовска – Никој не чита мисли- ПРАШАЈ ИЛИ КАЖИ СИ!

Сведоци сме на блокирање на комуникација и лош епилог на некој однос помеѓу две лица поради предрасуди. Малку попластично да објаснам, еве конкретна ситуација:

Валентина е мајка на Оливер. Дечко кој бара работа и има потешкотии да ја најде, заврши средно образование… Нема некој работен историјат и не знае што може и што сака да работи. Валентина има братучед со хотел, кој вработува многу млади луѓе, а дава и добри плати. Нејзиниот начин на размислување е со предрасуди, таа вели: „Имам братучед, исто ко да го немам, не ми го викна детето на работа. Да сакаше тој, ќе му речеше – дојди.“ А чита ли мисли?

… А таа држи и лутина за која освен таа самата никој не е ни свесен. Валентина има сосетка, Роза, која е сама млада разведена жена со дечиња. Но, Розе се снаоѓа добро со работа. Отиде да се посоветува со неа и вели :„Розе, шо да прам со детето, немам доволно за добар живот, треба да работи, не знам кај да побарам работа. Ете имам и братучед, ама не помага.“. Розе, знаејќи ја проверената формула, по библиската мудрост „тропај и ќе ти се отвори, барај и ќе ти се даде“ и рече: „Валентина, оди и кажи си ја маката, побарај од твојот братучед помош, која е шанса за твоето дете да започне од некаде. Не е срамота да побараш работа, за мене е голема срамота ако на моите деца им речам дека денес немаме за јадење.“ Никој не чита мисли- ПРАШАЈ ИЛИ КАЖИ СИ!

После овој разговор, Валентина се охрабри. Оливер прифати работа кај вујко му, а за две години си купи мало возило и се приклучи како таксист. Со тек на време, имаше шанса да запознава многу луѓе и да влезе да работи во странска компанија. А и такси службата му остана со две три негови возила. Животот на Оливер стана комотен и беше подготвен да создаде и да се грижи за сопствено семејство.

Во многу семејства, многу родители и деца, многу браќа, сестри, а особено оние кои се во врските свекор – снаа, свекрва-снаа, баба – зет, сватови, јатрви, каде крвната врска не постои, но се блиско семејство, постојат многу предрасуди… Расправии, тензии, базирани на нереални причини. Затоа што таа мисли дека неа никој не ја сака… Па што ако таа мисли дека сум неспособна, па што ако тој мисли дека јас мислам… И безброј лавиринти кои ги создава умот базирани на нереални основи.

Оваа ситуација често се рефлектира и на останатите релации. Кога сме на учулиште, на факултет, кога бараме работа, кога одиме на интервју… Ова го кажувам како втор блок на релации. И почнува лавиринтот. Што ако мене професорката не ме сака, што ако си мисли дека не знам, професорот ме мрази и ме малтретира, што повторно е лавиринтот на умот. Зошто ни е ова потребно? Ако знаеме што сакаме, ако знаеме што треба да си кажеме, да не носиме заклучоци за туѓите мисли,  можни реакции и можни сценарија туку поставиме барање, прашање и го сочекаме одговорот и реакцијата, животот би бил многу многу полесен, а и сè би било појасно и поедноставно.

Кога патував, никогаш не можев да знам што мислат луѓето од другата држава за мене. Нити можев да создадам генерална слика… И едноставно сватив дека умот не доведува во ситуација на фантазии кои ама баш воопшто немаат врска со реалноста.

Како трет и најважен блок на релации и врски ги ставам релациите дечко-девојка, маж-жена. Како можеме да си дозволиме за некој кој ни е најважен во животот, кој го избрало нашето срце да го окарактеризираме по некои свои илузии дека мисли да не повреди… Дека има некој друг на ум… И од нашата илузија да создадеме слика и за истата да судиме, каде сето тоа не води?

Има една прекрасна изрека која вели: „Не слушам што зборуваш, гледам што правиш“. А и во тој случај, треба да се има комуникација, за да се разбереме. Бидејќи база на квалитетна врска е квалитетно разбирање. Уште ако во таа наша комуникација додадеме и ширина, насмевка, доза на љубов, таквата врска станува нераскинлива.

Како една од битните констатации е и дека успехот и напредувањето на работното место исто така зависат од соодветна здрава комуникација. Прашување кон колегата и претпоставените, изјаснување и кажување, носат кон добри резултати. Кон унапредување, кон зајакнување на позицијата кон посилна компанија или институција во која вработените се разбираат и поддржуваат.

Кај постарите има една изрека (пред да се појави ова наше дигитално време). Вели дека со прашување се стигнувало до Стамбол (Истамбул), која симболика ја има и во „добриот збор, железна врата отвора“. Пораката е јасна, прашај си, кажи си, и одговорите ќе си ја звршат работата. Никој не чита мисли…

Ако потсетам и дека времето кое го имаме за еден живот е органичено, дали човек треба да го потроши залудно или квалитетно, има ли бенефит да заглавуваме во лавиринтот на мислите и има ли бенефит да го трошиме во празно.

„Какви ти се мислите- таков ти е животот“, или „во што вложуваш- тоа имаш“, или уште една мудра изрека „што ќе посееш- тоа ќе жнееш“, ја даваат целата слика дека човек треба да биде рационален, да си го потроши времето квалитетно, да вложува во реални работи, и на крај да тргне од себе си и констатацијата дека не е пророк, како што не е пророк и оној другиот- соговорникот, партнерот, роднината, соработникот. Едноставно е – НИКОЈ НЕ ЧИТА ТУЃИ МИСЛИ…

На нас останува да се средиме, да се сконцентираме, да носиме одлуки… Да комуницираме и да ги задржиме комуникациите на едно ниво на разбирање и квалитетна комуникација, што секако ќе резултира со чиста и уредна врска или релација – ПРАШАЈ СИ И КАЖИ СИ…