Фотографијата како медиум за уметничка експресија низ годините го менува својот примат. Но, она што останува константно е нејзината моќ да сведочи за просторот и времето во кое е создадена. Проектот ФОТОКОЛOНИЈА ПЕЛАГОНИЈА е замислен токму по линиите на таа премиса. Истиот го реализира Центарот за европски развој и интеграција од Битола.
ФОТОКОЛOНИЈА ПЕЛАГОНИЈА се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура. Во рамки на програмата за визуелни уметности и архитектура за 2024 год, е поддржан и од БВ – бизнис груп и партнерот на проектот – Центарот за култура Битола.
Колонијата во своето второ издание опфаќа дванаесет фотографи аматери и почетници од Битола. Тие во двата дена на едукативни и теоретски работилници, разменија искуства… Совети кои ќе им помогнат во процесот на создавање на фотографиите во иднина.
Првиот ден на колонијата 01.07.2024 – понеделник започна со проф. Роберт Јанкулоски.
Јанкулоски на почетокот на денот, ја реализира обуката за вовед во фотографија. После оваа обука во која учесниците добија основни совети и насоки како да ги стават надворешните фактори во функција на делата кои ги создаваат, следеше период на фотографирање низ битолските улици.
Пладневната сесија на првиот ден беше практична селекција и обработка на фоторафиите. Дискусија за тоа што е добро направено а што е лошо и како би можело да биде подобро направено.
Се делеа совети како да се постигне оној посакуван квалитет на фотографиите кој ги прави изложбен материјал.
Едно од размислувањата кои остана да лебди како идеја од овој ден, беше констатацијата дека сите ние малку ги фотографираме објектите со понов датум на изградба… И најчесто се фокусираме на објектите од Отоманскиот период. Но, и тие “нови” објекти за идните генерации може да се интересни. Како што за нас се интересни објектите кои на своите фотографии ги овековечиле браќата Манаки и фотографите од почетокот на 20-тиот век.
Вториот ден на колонијата вторник 02.07.2024 започна со разговорот со историчарот Васко Гичевски. Гичевски на учесниците на колонијата им ги раскажа приказните за 15-тина објекти од битолскиот крај. Овие приказни го оживеаа минатото на овие градби. Беа извор на факти кои малкумина од нас ги знаеме за објектите покрај кои минуваме секој ден. Тие се инспирацијата која ќе ги води учесниците на колонијата 2024 во процесот на создавање на нивните дела кои ќе бидат дел од изложбата за 2024.
Следната сесија во претпладневниот дел на колонијата беше со фотографот Диоген Хаџи-Коста Милевски
Диоген низ дискусија и практични совети со учесниците на колонијата размени искуства за техниките на фотографирање на настани кои се одвиваат во живо и околу аспектите на применетата фотографија. Во оваа сесија се отвори дискусија околу начинот на селекција. На обработка на фотографиите и учесниците добија совети. Совети како да ја зголемат брзината и квалитетот на испорака на фотографии… Како да ги прилагодат на потребите на крајните корисници.
Во вториот дел од денот, следеше фотографирање на терен на објектите кои беа презентирани во првата сесија по што се реализира последната сесија од колонијата со Мери Бошкоска –фотограф и еден од носителите на активностите на Фото Кино Клуб „Прилеп “. Воведниот дел од сесијата се состоеше од практични совети при сликање на архитектонски објекти во различни светлосни и времеснки услови. Вториот – практичниот дел од сесијата, беше селекција и обработка на направените фотографии од вториот ден.
Активностите на колонијата ќе продолжат и во текот на месец јули а учесниците во овој период ќе ги изработат фотографиите кои ќе бидат дел од изложбата ФОТОКОЛOНИЈА ПЕЛАГОНИЈА 2024. Свеченото отворање на оваа изложба за публиката ќе биде во првата половина на месец октомври.