Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, македонската, па и европската историја. Нивното дело претставува револуција во дотогашната светска мисла дека христијанството може да се проповеда исклучиво на три јазици. На еврејски, грчки и латински.
Со своите мисии, светите браќа Кирил и Методиј кои живееле во деветтиот век во Солун, успеваат да го внесат словенскиот јазик во христијанската проповед. Тие ја создадоа глаголицата како писмо засновано на говорите од тогашното население од околината на Солун.
Првата значајна мисија на Константин, познат по монашкото име Кирил, била мисијата кај Сарацените во Багдад (Арапска мисија). Таа имала државно-политички и религиозен карактер. Константин водел полемики на верски прашања и се запознал со животот и обичаите на Сарацените. Потоа бил испратен во Македонија да му помогне на својот брат во Словенското Кнежество (Брегалничка мисија).
Според легендата, Константин покрстил 54 000 Словени во Брегалничко… Воочил проблеми со неможноста за користење на грчкото и латиничното писмо за започување на словенските гласови.
Во 860 година, Константин бил испратен кај Хазарите на брегот на Црно Море (Хазарска мисија). Хазарите немале официјална религија и задачата на Константин била да го прошири христијанството и да ослободи визнтиски затвореници. Заедно со својот брат Методиј во Крим ги откриле моштите на папата Климент Први и ги положиле во црквата „Св. Димитрија“ во Херсон. Константин напишал „Пофално слово“ и химна за папата Климент и понел дел од моштите со себе.
По успешната мисија кај Хазарите, Константин бил испратен кај Аланите во градот Фула, на источниот брег на Црно Море, каде успешно покрстил многу пагани.
Европски покровители
Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. За нивниот живот добиваме најмногу податоци од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“, и „О писменех“ од Црноризец Храбар. Во современиот свет, светите браќа Кирил и Методиј се единствените личности кои можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа. Ако нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од другиот крај на Европа.
Секоја година на 24 мај се слави нивното дело, најмногу од словенските народи.