Старата чаршија… Еднаш срце на битолскиот пулс. Сега – временски портал како мистериозен лавиринт на историја и духовност. Старата чаршија…
Врата која отвора душа низ некое време, простор. И уште одзвонува тој познат звук на тоа нешто… На тие вековни трговски преговори. Со кафе и локум, на клупа си велиш: „Oва не е обичен портал.“
Само еден чекор во кондураџиски дуќан и ете ти..ЕПСКИ СТОП КАДАР. Времето застанува.
Кондураџијата со: „Добро утро“… Ние со: „Што имаш ново за „денес“? – мислејќи на она „вчера“ што некогаш било.
–Бижу – чевел од најфина кожа госпоѓо. – вели кондураџијата – Гарантирам дека со овие чевли ќе изгледате како вистинска кралица на Широк Сокак.
Ги прегледав чевлите. „Исклучителни се!“ велам. „Но што ако Ви кажам дека не ги купувам? И понатаму ќе ги рекламирате?“
Кондураџијата кимна со главата: „Сигурно! Но, кога ќе ги купите, ќе добиете специјална понуда, бесплатна реклама за животот! Екстра бонус за среќа!“
Така беше тогаш, така било некогаш…
А денес? Потрошени дуќани и една завидна носталгија за некое време кога старата чаршија била средиште. Срце на битолската заедница. Кога била интеракција и моабетливост.
Сега е само искуство изгубено во море на онлајн маркетинг! Онлајн извици, онлајн зборови, онлајн оптимизации, клучни зборови… Он лајн, он лајн, он лајн… Има ли надеж? Има ли точен клучен збор што ќе ја врати „композицијата“? Сѐ на сѐ, постои ли сеуште таа… Старата Чаршија!?
Да ја вратиме… Затоа што ја имаме!
Пишува: Ромина Марковска