„Креативен ден“ – настан кој континуирано го менува наративот на градот. Организаторите се осмелија да обмислат посебна приказна, култна фузија и симбиоза на уметноста, модата и творечкиот дух. Креативен ден е линк меѓу образованието и бизнис секторот. Така меѓу редовите, наѕира и целта: да се подигне свеста кај учениците, дека оваа професија има иднина! Дека модниот дизајн е нешто кое може да редефинира граници. Да пулсира во име на урбаното, елегантното и да го врати паришкиот шмек како посебен концепт и традиција на битолските „чупиња“.
Четвртокот беше посебен ден за нас. Позитивни емоции, вибрантна енергија и едно поинакво кафе во конзулска приквечерина со еден од тимовите на „Креативен ден“. Разговараме со Христијана Голубовиќ (моден дизајнер), Јасмина Атанасова (Дамата која ќе ја носи креацијата) и Виолета Мишакова, ученик на текстилната струка во СОУ „Таки Даскало“ – Битола. И на нашето прашање околу нивната соработка, со посебен ентузијазам и шармантна насмевка, Голубовиќ започна да ни открива детали:
Христијана Голубовиќ (моден дизајнер):
Имајќи во предвид дека настанот ќе биде во јуни, сеуште сме поопуштени околу реализацијата на моделот. За почеток знаеме што сакаме. За идејеата се согласивме без проблем. Сите сме флексибилни и иновативни. Така што, останува уште да ја реализираме, за што воопшто не се плашам. Сигурна сум дека ќе ја оствариме нашата цел.
РАЗБУДИ СЕ: Кои се критериумите кои ве инспирираат за да ја создадете креацијата?
При создавање на некоја креација, модел, најпрво се водам од намената на тоа парче. За каква пригода, за каков настан се однесува. Исто така размислувам каков впечаток треба да остави таа креација… Која жена, девојка треба да ја носи… И потоа веќе штом ги имам тие насоки, многу полесно е создавањето на моделот. Но често знае да се случи и во еден момент чиста инспирација. Инспирација како внатрешен порив кој потоа ми го покажува патот каде би требала да заврше таа креација и за кого е наменета. Она што сите креации ги спојува, е да се разбуди и истакне женственоста кај понежниот пол. Затоа што таа енергија е онаа која создава, љуби, сплотува, инспирира, поттикнува…
РАЗБУДИ СЕ: Колку ја акцентираме важноста на овие настани и која е добивката?
Јас веќе сум учествувала на еден креативен ден. Така што тоа позитивно искуство, без двоумење ме натера ете повторно да бидам дел од настанот кој секоја година добива пошироки размери и се подобрува во секоја смисла. Овие настани за мене претставуват можност да се изразиме, да се претставиме… И она што е најважно е многу дружење, поддршка, размена на искуства, размена на позитивна енергија што исто така може да вроди и со добра професионална соработка.
Како портал кој од самиот почеток алудира кон будење на таа свест во контекст на сите уметности, апсолутно се согласивме со Христијана. И ете ти уште една позитивна енергија што со восхит ја пречекавме. Имено, станува збор за дамата што ќе ја носи креацијата. Јасмина Атансова, успешна дама, писателка со амбициозен став кон љубовта, животот и уметноста во тој живот. Имено, неодамна „Разбуди се“ ја имаше таа чест да биде дел од интервјуто со Атансова и со голем восхит го акцентираме нејзиниот извонреден талент.
РАЗБУДИ СЕ: Јасмина како ја доживуваш оваа модна приказна?
За мене, приказната, не е само „модна“. Настанот „Креативен ден“ е симбиоза од позитивен дух, креација, себеискажување, позитивизам, творештво, инспирација и конекција на повеќе нивоа. А позитивната енергија која се создава, сигурна сум дека ќе ја почувствуваат не само учесниците во оваа приказна, туку и публиката која секогаш знае да ја препозне позадината на убавите нешта, од која зрачи чиста среќа.
Што значи за тебе иницијативата за организација настан од овој карактер? Што значи „Креативен ден“?
Ги поддржувам и охрабрувам творците на оваа ицијатива, Г-ѓата Весна Божиловиќ, заедно со тимот на супер-професорки од СОУ „Таки Даскалот“ и нивните ученици од текстилната струка, за растечкиот елан во остварување на нивната визија. Тоа само кажува дека кога во фокусот ни се креативни, добри и пријатни нешта, отвараме пат на убавините полесно да стигнат до нас. Таквите благодати, се прилично „скапи“ во времето во кое живееме.
Јасмина колку е важен изгледот и дали облеката е огледало на душата?
Јас отсекогаш сум сакала да се чувствувам добро во своја кожа и во тоа што го носам на себе. И би кажала дека за мене е важен, но не е пресуден. Ни во комуникацијата со другите луѓе, ниту пак во формирањето на мислење за некого, особено само според начинот на облекување. Тоа сепак е релативно бидејќи секој во својот живот одредува кои ќе му бидат приоритетите според кој ќе се води себеси, а и во односот кон другите.
Денес прочитав песна на Дарко Лешоски и еден негов стих вели: „…Не можеш да облечеш туѓ дух“. Сѐ се сведува на тоа, на крајот од краиштата. Дали облеката е огледало на душата? Не можам комплетно да се сложам со тоа. Сум сретнала крајности во двете насоки: Убава облека – празна душа; скромна облека – богата душа. Прекрасно би било кога изгледот би соодејствувал со тоа што носиме во себе, во душата. Тогаш би немало потреба да се докажуваме кои сме, ниту би имале порив да претставуваме нереална слика за себе. Има некои луѓе кои изгледаат многу добро; не поради тоа што го кажуваат, уште помалку поради тоа што го носат, туку поради тоа што се! Тоа мене најмногу ме воодушевува.
…И тука некаде низ пријатниот амбиент во ресторанот „Белата куќа“, времето ни беше малку, па од кафе преминавме и на вечера. A додека го чекавме и моментот кога целиот тој концепт на уемтности станaa едно, (зборувајќи за хеднозмот и гастрономската сцена), си поразговаравме и со ученичката Виолета Мишакова.
Како го доживуваш ти како ученичка, модниот свет? Што значи да си дел од овој универзум?
Одлично е чувството да си дел од еден ваков настан. Го доживувам супер. Kреативно. Има интересни модни трендови и стилови. Има модни кампањи стратегии за брендовите, следам познати дизајнери, брендови за инспирација и некои новитети.
Колку се важни трендовите? Како млад човек, колку ги следите истите и дали треба да се следат по секоја цена?
Трендовите се и тоа како важни во светот на модата. Тие го одредуваат изгледот, дизајните и стиловите во моментот. Најчесто ги следам и сметам дека треба да се биде во чекор со нив.
Која е твојата амбиција? Ќе продолжи ли творечкиот дух и во иднина?
Мојата амбиција е да научам како да создадам иновативни, креативни и влијателни дизајни кои ќе ги восхитат и ќе влијаат на луѓето во светот на модата. Да внесам нови трендови и стилови. Секако дека оваа приказна не застанува тука.
А и нашата приказна не застанува на ова место. Самиот авангард што го носат модните ревии од овој тип, значат пасионизираност, валоризирање и препознавање на нашите талентирани модни дизајнери, творечкиот дух на учениците, поттик на претприемништво меѓу младите и поддршка на стручното образование. „Разбуди се“ со нетрпение чека уште еден состанок со следниот тим и гордо ја поддржува оваа иницијатива.
КРЕАТИВЕН ДЕН 2024 – 1ви Јуни (Сабота) 20:00 часот – КИЦ Офицерски Дом Битола!