Љубов или панаѓур? – Изборот е наш, што ќе избереме? – Клаудија Лутовска
Сите ние, независно од староста, времето, начинот на живот, зборуваме за љубовта. Можеби тоа е и најчесто споменуваниот збор за еден живот. Се чини како цел живот да учиме што е љубов и како да сакаме, но, на крај дали знаеме што е љубов, или од љубовта сме си направиле панаѓур? љубов
Се раѓаме, и веднаш почнуваме со сакање, се воспоставува една „зависничка“ љубов со нашата мајка.
Полека се осознаваме и продолжуваме со сакање, кон нашиот татко, нашите браќа, сестри, дедо, баба, другари, пријатели, миленичиња… Љубовта се шири насекаде, наоколу. Одеднаш ни се случува вљубување, сакаме некого со поинаква страст од љубов та која ја запознавме до тогаш. И за цел живот сакаме нешто, сакаме некого, при тоа сакајќи се и себе си.
Тогаш што точно е Љубов?
Постои санаториум за лечење на канцер, во Швајцарија, каде болните се лечат со практикување на љубов. Им се дава чувство на сигурност, на сакање, на толеранција, на разгалување и сигурност, зависна од сакањето. Се учи да се персонифицира секој орган да му се даде особина на жива индивидуа да се раговара и опсипува со љубов, и резултатот е видлив, љубовта станува лек, а пациентите лечени со сакање – оздравуваат.
Ја знаеме и Библиската „Нема поголема љубов од онаа да се даде животот свој за својот ближен“. Но, и љубовта на оние, кои кога сакаат ја слават туѓата среќа дури и тогаш кога не се дел од таа среќа или љубов, некое возвишено издание.
Еден рабин видел млад човек како со сласт јаде риба и го прашал: “Што јадеш?“
Младиот одговорл: „Јадам риба. Многу сакам риба.“
Рабинот рекол: „Значи тоа што го сакаш, го јадеш.“
Не би го споменувала Фројд, но кога е физичката љубов во прашање, не поминуваат теориите без него. Според него сѐ започнува со јадењето, внесувањето на љубовта преку устата – мајкиното млеко. Ја знаеме и онаа „Патот до срцето на мажот, е преку стомакот.“
Еве да и дадеме шанса на теоријата за љубовта. Некогаш е весела (Рабиндранат Тагоре), некогаш е возвишена (Апостол Павле), некогаш е тажна (Едгар Алан По), некогаш е апсолутна (Јас сум патот, животот и вистината), некогаш е трагична (Ромео и Јулија)… Но, ја има насекаде.
Оние кои ја познаваат знаат дека е луда, дека е слепа, дека е темпераментна и смирена. Поаѓајки од сето ова, може ли да се каже дека љубовта е едно чувство на радост и благосостојба кое е зависно од околина, друго битие и сопствените убедувања. Каква љубов ќе си допуштиме, така и ќе ни биде животот, ако си дадеме возвишена со многу разбирање и срдечност, животот станува љубов, а ако си дадеме непостојана, луда и турбулентна љубов животот ни станува панаѓур.
Сакам да го споменам и нашиот Венко, вечно вљубениот Венко Андоновски, кој вели: „Kога ќе видиме мало детенце, му зборуваме „ќе те изедам“, изразувајќи ја љубовта и емоциите кои ги имаме за него.
Но, сѐ почесто гледаме нереални љубовни врски исполнети со не срдечно однесување, опсесивност, зависност, неуроза, љубов претворена во панаѓур. Осудена на негативности, разочарувања, гнев, не срдечност. Можеме ли да олабавиме, да се средиме и да го направиме љубовниот однос љубовен и среќен? Или ќе го продолжуваме панаѓурот, патувајки едно патешествие без радост?
Нашиот Венко ќе рече: „Секојдневно го сечеш јаболкото попреку, ако еднаш се обидеш и го преполовиш попречно, таму ќе си најдеш ѕвезда“.
И конечно, што е љубов? Да речеме дека љубовта е најдоброто, најблаженото чувство, исполнето со емоции, во кои оној другиот, или она другото околу нас е почитувано и сакано од наша страна, и во никој случај не му наштетуваме, едноставно го разбираме и поддржуваме, а со сето тоа сме среќни и уживаме во љубовта која ја шириме.
Изборот е наш, ќе биде љубов, или ќе биде панаѓур?
Пишува: Клаудија Лутовска