Со една грешка, му ја отвораш вратата на многу други-Вистина или предизвик?! – Колумна на Ромина Марковска

На самиот почеток, имам едно прашање за кое верувам дека мојот одговор би се совпаднал со вашето размислување. Размислување во однос на темата – „Ако направиш една грешка, му ја отвораш вратата на многу други грешки“

грешка

Зошто би требало да се фокусираме на оваа тема? За да потврдиме, дали сме во состојба да ја сузбиеме и во крајна линија, целосно да ја трансформираме! Ако успешно го постигнеме ова, ќе сведочиме на промена во формата и содржината на таа грешка. Грешка што сме ја направиле од било каков карактер. Во потполност ќе исчезне оној призвук на наивност и примитивност како што бил првобитно. И покрај тоа што насловот на темата е една стара мудрост која трае со децении. Тука сме да еволуираме и да ја аплицираме во современ контекст. Во светот во кој брзината на промените е непрекината, способноста да се адаптираме и учиме од грешките, станува најсилна вештина.

Ајде да се осмелиме!

Ова е исклучителна можност за длабок поглед во нашиот внатрешен свет. Да се исправиме пред своите грешки. Да ги восприемиме и конечно да ги трансформираме во искуства што ќе не направат посилни. И како ѝ се друго, кога е правилно третирано, не само што не го задржува својот примитивен карактер, туку таа грешка станува извор на нови можности. На различни перспективи.

Да тргнеме од фактот кој во моментот ни дава сугестија на овој начин да ја формулираме реченицата со навидум просто, а сложено значење: „Во нашето неизвесно секојдневие, често пати сме поставени пред сопствените одлуки кои во зависност од нивниот исход, би можеле да имаат далекусежни последици.“

Да бидеме реални и докрај искрени. Самата изрека „Ако направиш една грешка му ја отвораш вратата на многу други“, не само што ја опишува нашата вистинска природа, туку и изразува една длабока емотивна состојба. Истата е резултат на лоша комуникација, неправилно разбирање и погрешна перцепција. И таа состојба знае да трае со денови, а можеби со месеци и години, за еден ден… во футурот на староста, со голема доза на очај, да констатираш:

A MOЖЕШЕ ПОИНАКУ!“

грешка

Оваа состојба  не вознемирува до болка и токму затоа ќе ѝ пркосиме. Не само за да го намалиме нејзиното времетраење, туку и да ја доведеме до степен на нула во презентот на нашето живеење. Сега и овде. Нема време и простор за двоумење. TO BE OR NOT TO BE!

И зошто би било присутно едно такво тешко искуство на емотивен план, каде се преполнуваме со чувства на загриженост, разочарувања и оттуѓувања од основните вредности и етички принципи? Во една таква состојба, потполно го менуваме моралниот компас и чувството на одговорност. Зарем имаме два животи? Еден е. И нека не биде како ниеден! 

Фреквентно се судираме со моменти во кои треба да донесеме правилни одлуки кои ќе бидат катализатори кои не се трошат од реакцијата и остануваат непроменети по неа. Но, (секогаш има едно но, што и да кажеме), не секогаш  се исправаме правилно пред предизвиците. И не секогаш носиме правилни одлуки по било кое прашање. Ваквиот исказ е комплетно реална, фактичка состојба на сечие егзистирање на човечкиот род и вид. И како таква, моли за разумна реакција врз грешката што сме ја направиле. Без ничија логистичка поддршка, ќе ја искреираме елегантно, интелигентно, во отсуство на паника и страв. Спакувана и отспакувана, најбрзо што можеме. Во спротивно следи хаос, конфузија, дезоориентација во нашиот личен простор и време.

Да илустрираме: „Кога сметаме дека сме донеле неправилна одлука, водени од критериум кој за нас е релевантен, влегуваме во област на потполна непознатост. Пред влезот, нашиот пат е обележан со еден билборд што не може да не го забележите. Има испишано нешто што ти ги „пара очите“: „Како не треба.“ Да. Точно така. Видовме и признаваме дека направивме грешка. Добро, тоа е фаза од нашиот пат. Но, не застануваме таму. Продолжуваме понатаму и влегуваме во зона на само-рефлексија и изградба на искуство. Ова не е простор за само-критика и восприемање на било која друга критика упатена до нас, туку место за освестување. Од ова искуство извлекуваме значајна лекција!

Откако ќе го преминеме овој дел од патот, на излезот не чека уште еден билборд на кој стои: „Сега знаеш како!“ Да. Точно прочитавте. Сега сме посилни и попрефинети откако го изминавме овој дел од патот.

Секоја грешка, независно од нејзината големина, се  трансформира во поука и многу важно искуство. Кога сме во конфронтација со сопствените грешки, неизбежно се изложуваме на „лимитирана слабост“. Ова последното, упатува на постепена, но сигурна редукција на нашите слабости. Просторот на немоќ е предодреден да биде избришан оставајќи место за креирање на нов, свеж и ароматизиран простор. Она што го дефинираме е осознавањето дека во новиот простор, веќе се собираат потенцијали за развој кои се отворени за посилна визија и идеја за самоусовршување.  Грешките стануваат дел од сценариото во филмот наречен „Личен развој и надградба“.

грешка
Да се направи грешка не е слабост, иако првично ни се чини дека сме слаби и поразени. И сите други спин-оф серии ќе произлезат од постоечкиот проект и ќе развијат дополнителни приказни. Во продолжението на сериската верзија на филмот се чуваат големи лекции кои не би можеле да се добијат преку успешните искуства добиени на „тацна“.

И така, секоја една грешка, ќе не насочи кон непозната дестинација, единственото место каде што можеме да научиме како да бидеме подобра верзија од себе. Дури и во суперлатив димензија. Тоа се случува додека воспоставуваме врски, развиваме таленти и создаваме значајно влијание врз светот околу нас.

Со потполно право и без лажна скромност, би сублимирала: вредеше да се осмелиме! Секако дека видовте, каде нѐ одведе темата. Успеавме да ѝ пркосиме и да докажеме дека сме обликувани да ги совладуваме вертикалите на животот преку мали или големи грешки, сеедно! Грешките не се само камчиња на патот, туку и фенери што осветлуваат сечие лице во темницата на неизвесноста.