Пријателството би имало цврста подлога само доколку има двострано разбирање од двете страни. Но, дали толерирањето на некој и нешто треба да значи повод за заминување од тој круг? Треба ли да останете пријатели со оние кои не го прифаќаат вашиот совет?
Сигурни сме дека секој од вас во својот видокруг имал/а запознато тврдоглава личност. И наместо давање совет, набрзо сфаќате дека таа личност, тие пријатели, едноставно не прифаќаат ништо. Му контрадикторат на секој што се труди да им помогне и не сакаат ни да слушнат за критика. Набрзо вие се откажувате од сите тие насоки, совети и критики кои сметате дека треба да имаат позитивен исход и да бидат сфатени од страна на примателот, но гледате дека тоа нема резултати, па едноставно го продолжувате вашето пријателство, но со молчење.
Каков е тој пријател кога не сака ни да го слушне вашето мислење? Бараат совет, а не го слушаат, бараат мислење, а не го почитуваат. Бараат, но изгледа не бараат!
Егото кај овие личности е толку многу возвишено, што веројатно ни нивниот свет не може да го носи. Така, овие личности, за жал, би рекле дека се само улоги во вашите епизодни делови од големиот животен серијал. Не можеме секогаш со молчење и не можеме секогаш да им „одбиваме на глупоста“ или со други зборови да им попуштаме на нивната суета и покорно да велиме дека се во право дури и тогаш кога не се.
Нападот кај нив е најдобра одбрана, па ќе ве натераат вас да се преиспитате. Да си пронајдете грешки и да се критикувате сѐ повеќе. Но, внимавајте со нивното его и конечно запрашајте се дали сте вие тие кои грешат или можеби едноставно не можете да функционирате како безгласна буква.