Исти ли сме сите пред законот во ова општество? Постои ли грешка во ,,авторскиот” пристап? Има ли оваа приказна јунаци и треба ли да има? За што зборува приказната на Македонија? Каде е човечноста?
Пред некој ден… Се облековме убаво, ставивме од омилениот парфем и тргнавме на театар. Но мириса ли на омилено и убаво ли сме облечени? Што се крие зад костимот? … Прва грешка доцневме, па уште од старт се обвинивме, а потоа следеше уште еден час и половина кој го испочитува нашето време, но не натера да се запрашаме…Го почитуваме ли и ние нивното? Времето на човечноста? Зло, обесправеност, идентитет, дискриманција. Во кое општество живееме? 4 точки со кои се занимава документарната претстава 8 % на АТО-Центарот за современа култура и уметност. Во претставата, авторот и режисер е Јован Ристовски кој заедно со коавторката Весна Куслеска претставуваат невладина организација која работи проекти за маргинализирани групи.
И следеше крупен кадар од нож кој ко во 3 Д верзија ни се доближуваше и на делови ни ја парчоса себичноста често облечена во сатира и црн хумор како рефлексија на зло.
Во какво општество живеат хендикепираните, болните, жртвите на семејно насилство, обесправените?
…Во државата и ова општество постојат луѓе кои немаат никаква идентификација, немаат здравствено осигурување…Немаат ништо. Едноставно ги нема! Не постојат во системот. Фантоми се. Се обидувам да образложам најадекватно… Без некоја елоквенција, затоа што она што го гледавме на сцената во Центар за култура, не беше само празно исфрлање на зборови и колку тоа сме паметни, талентирани… Колку актерите брилираат како и секогаш, присутни се на сцена, портретираат или..
Овој пат театарот беше гласот, медум што мора да одекне и некој конечно да го слушне. Никола Пројчевски, Марија Стефановска, Наталија Ристевска, Петар Горко и актерката Соња Михајлова имаа дијалози кои се трудеа толку реално да ни објаснат колку е тешко да живееш во тие чевли, а од друга страна ,,нацртаа” дијапазон од сурови емоции. Тета – тет со ѓаволот и оваа модернава бирократија, канцеларски дрес код кој ги доживува овие луѓе кои за прв пат физички присуствуваа на сцена. Се гледа ли на нив само како папирологија. Како листови кои на крај се разлетуваат низ просторот, а потоа скоро и не се знае каде се, никому не му е важно.
Низ час и половина, се соочивме со суровата реалност, која да си признаеме постојано ја користиме како инструмент од кого сакаме да избегаме.
Бегаме од вистината и не сакаме да се соочиме со системот. Нели и така знаеме дека е сурово, па уште тоа ни фали… Но, барем јас како гледач, ја сфатив другата страна низ милион солзи што секоја секунда ми ја парчосуваа душата. Неферски или кој е тука нефер? Оној кој отишил на театар да „олабави“ од секојдневие или оној кој му кажува што значи да си од другата страна и како е да си во нивното секојдневие. Ние сме нефер. До сите нас е. Како поединци во ова навидум „општество“.
Секој од нас може да помогне. А што правиме ние? Бегаме! Се правиме неми. Инсистираме да лазиме по друг пат. Го оставаме човекот и човечноста и таа ужасна слика ја гледаме како желка, а ние брзаме како зајак. Што сме направиле? Секако, на крај ќе изгубиме битки, освен ако навистина не се соочиме.
8 % беше апел. Моќен, вистински. Таа вечер, повторно театарот ни докажа дека е уметност што најблиску е до човечноста, ја разбира и знае да ни ја пренеси, макар и да ни влепи шлаканица. Со идеален наслов, симболиката е јасна. Бројка сме, бројка се во систем кој го нема.
„Претходеше истражување, бевме скоро во сите градови низ државата и сретнавме сексуални работнички, пратеници, жртви на семејно насилство, слепи, инвалиди, глувонеми, Роми и други изложени на дискримианција. Заклучокот е дека живееме во држава без никаква емпатичност од страна на народот, себичност, незаинтересираност. Сѐ додека не се врати љубовта кај народот не можеме да одиме напред. Има системска дискирминација, а системот го градиме сите ние, па одговорноста е до сите нас“, рече режисерот Јован Ристовски, а ние поентираме со уште солзи кои време е да сакаат да се преоблечат во нешто убаво и да се разбудат во поинаков свет, што не би пресметувал во проценти.
Пишува Елена Трпковска Наумовски