„Всушност розите за 8ми Март се политичко барање од страна на жените!“ – Дали ова значи дека со овој подарок апсолутно сме грешеле?
8ми Март е денот на жената или мајката? Денот на дамата и нежната потчинета домаќинка или денот на онаа моќната? Што е 8ми март и што значи?
Во 1912 , текстилни работнички од Лоренс, Масачусетс всушност протестирале и од тука доаѓа тоа цвеќе. Што би значело тоа? Нивниот штрајк го нагласувал слоганот: „Сакаме леб, но сакаме и рози“. Ете тука е всушност метафората која никој не ја знаеме. Лебот и розите не значеле само обичен подарок кој би и се дал на жената, туку има подлабока приказна зад сето тоа. Имено тие симболизираат едно политичко барање од страна на жените за подобри фер плати. За достоинствени и недискриминирачки услови. За почит и добивање на заслужено внимание од страна на политичкиот систем, државата, светот. Од работодавците и секако…од мажите.
Меѓу другото, често наместо терминот „жена“, споменуваме „понежниот пол“. Но, дали празникот се дефинира како таков? Како празник на понежниот пол?
Всушност има логика во оваа констатација. Сето тоа е вклопено во еден збор. Рамноправност. Како тоа понежниот пол, ако жените бараат рамноправност? Тогаш нема еднаквост, а нели тоа е поентата. 8ми Март е меѓународен ден кој потсетува за борбата за политичка, економска и социјална еднаквост на жените.
Но, за жал добро знаеме дека патриархатот постои, па ете ако го сместиме во некои денешни „збoрови“ и би го нарекле современ, се вели дека борбата со него не е завршена. А за да биде уште пожално, предвидувањата од светскиот економски форум велат дека борбата помеѓу родовиот јаз не би завршила дури до 2133. Што значи, ние нема да си дочекаме така да…
Уште една интересна информација што ни ја понудија социјалните мрежи и барем малку ја задоволија нашата истражувачка љубопитност, е фактот дека 8ми Март ни од далеку не е празник на мајката. Од каде доаѓа пак сега ова?
Историските податоци се јасни. Сѐ потекнува од нацистите. Кога тие дошле на власт, го промениле името на денот на жената во „Денот на мајката“, што значи повторно се губи поентата на меѓународниот празник. Со ова, жената ја сместуваат во маргини и ја дефинираат само како мајка, домаќинка, родилка. А што е со деловните жени? Со паметните жени кои можат многу повеќе од ова денес, кои можат да придонесат и…
Да не звучиме феминистички, но… Дали во нашето општество споменатите на крајов, во моментот се прашуваат што да зготват дома, како да го пречекаат сопругот, што ќе им дадат на децата. Како ќе ги облечат и згрижат. Како ќе се снајдат со саатите на работа и за колку време ќе стигнат до пазарот за да набават намирници за нивниот „рецепт“. А тој ли е рецептот?
8ми март не е само ден на розата. Жената сака леб, но сака и роза. Има подлабоко од она што го мислите.
П.С. Кои сакаат права? Затоа што има многу кои и не сакаат, така што има некоја грешка 404 и овде. Некој ерор и нерешен случај. Кога две страни се борат, тоа значи дека би ги одделиле и препознале како црните и белите. Но, што ако во белото има и помалку розово? А бидејќи сме жени, може и по малку зелено, бордо… Зборот е… Дали ние како жени помеѓу нас се согласуваме и имаме иста цел или таа останува само на поединци? Колку ние жените можеме да се разбереме меѓусебно и кој ќе не разбере побрзо? Се разбира, мажите. Затоа што сме жени и не знаеме баш што сакаме. А кога сакаме? Веднаш! Среќен 8ми Март драги дами!
пишува: Елена Трпковска Наумовски