Кога бев дете, знаев да заплачам ако на репертоар немаше детска претстава. И како велат, еднаш кога ќе пораснеш нема враќање назад. Затоа решив да не го пуштам тоа дете. Се однесувам како него или сум Петар Пан, не знам. И не ми е јасно. Но, повеќе од веројатно е дека сеуште имам од тој магичен прав од ѕвончица над мене. И летам. Неодамна бев на таква магична детска претстава. Ама она што беше најмагично е она мало раченце кое ме држеше за рака и од време на време ќе ме бакнеше и ќе констатираше; „Мамо колку е убаво!“ Добро е ли си велам да биде како мене?
Добро е ли да си Петар Пан? Оној кој не старее и кој лета.
„НЕ ЛЕТАЈ!“ – беше можи најчестата заповедна реченица што ја слушав оваа година. И ете како се ближи си барам емотикон што би ја опишал. Би изгледал некако вака…Замислен, понекогаш уплашен, ама инаетчивче. Се ближи уште еден 12 часот, и класика следи ретроспектива.
Имав луда година. Започнав амбициозно, со неспорен силен ентузијазам кој ми гореше низ душа и една мисла: Сега ако не, кога? И се некако таа мисла ми се влечкаше низ главата. Но, стана толку интензивна, што сфатив дека е поголема веројатноста да те полуди отколку да ти се случи.
2024 ми беше лекција. Лекција која ми извози неколку филмови – пријателство, љубов, морал, старост. Пријателството затоа што оваа година излегов најбогата, со уште поголем круг на убави луѓе. Стапив во контакт со личности за кои не можев ни да сонувам дека би биле во мој видокруг. Како на приватен, така и на професионален план. Но, од друга страна, кога сме кај тоа пријателство, би се надоврзала и на алтруизмот. Алтруизмот како несебичност, како емпатија, како нешто што сфатив дека толку многу сме го изгубиле и уживаме во таа комфор зона… Што ме доведе до едно стори кое си го објавив на инстаграм:
„Спротивно од храброст во нашето општество не е кукавичлук, туку комформизам.“
И почнав да размислувам деновиве.. И секако, како и секогаш почна да ми се гледа тоа на чело. Навикнати сме да играме како ќе ни кажат, како ќе ни свирнат, како сето тоа мора. Во прилог ми дојде уште еден цитат кој би го надоврзала во овој контекст. Поради професионален ангажман, неодамна морав повторно да се навратам на брилијантната мајсторија на Паоло Куељо и неговата „Вероника реши да умре“ и таму авторот, преку очите на еден лик вели, цитирам: „…Според Мари тешкотиите не произлегуваат од хаосот или од трулежот, или од анархијата, напротив…од претераниот ред. Во општеството непрестајно се натрупуваа нови правила и закони што им се противставуваа на тие правила – и пак нови правила кои беа во спротивност со законите. Тоа ги збунуваше и ги плашеше луѓето и тие веќе не се осмелуваа да отстапат ниту чекор од невидливиот законик што го определуваше животот…“
Се плашиме ли ние?
Според оваа година, можам да заклучам дека се плашиме. И да, гласно зборувам за мене дека не се откажав. Дека не се плашам! Дека јасно пркосам на цел тој комформизам и она – така е кажано, така мора да биди. Ништо не мора! И всушност токму тука е магијата на уметноста, која не може никогаш и не знае да ја сфати реалноста.
Оваа година сфатив дека недостасува љубов, авантура, смелост… Недостасува да правиме нешта кои не го акцентираат само материјалното. Ох па, нескромно, но толку работи направив, а некако… Џебовите ми се празни. И секако, како човечко суштество ќе се запрашаш каде грешиш, но не поради тебе, туку поради тие нивни правила… Поради тие личности кои веројатно не умеат да го препознаат тоа нешто во тебе. Тој порив да му покажеш на сите како ти го гледаш светот. Да му ги дадеш твоите очила. Се вклучив во повеќе проекти и могу ми е драго што сите беа во име на уметноста. Секако имаше и токсични средини кои многу пати ме нурнуваа во тоа „длабоко“, со едно: „Не летај, џабе ти е!“.
Но, упорно не ги слушав. Болеа нивните констатации. Болеше плескањето на реалноста во лице. Дека живееме во бескрупулозно обесправено општество и место на полу распаднат систем и уметност што се држи на маргините. Болеше шамарот од многумина кои ми велеа: „Добро луда си? Зошто го правиш ова без пари?„ или „И како тоа? Само ти не зеде пари?… Не знаеш да кажеш. Не знаеш да кажеш дека вредиш!“ И ок, го возев и нивниот филм, ајде ќе се вреднувам, ајде да видиме дали сето ова има цена. И фала Богу, на никој не им чини. Но, која е таа цена?
Има ли овој живот цена? Дали срцето може да се продаде?
Оваа година забележав дека има многу „мудри“ луѓе наоколу кои и тоа како елоквентно знаат да ти попуваат. Си ја земаат таа храброст и на „ти“ ти се обраќаат. Ти мешаат прсти низ умот и ти кажуваат стратегии, оти ти не знаеш, оти ти не можеш. Оти ти леташ. И ок, можеби летам, но како му рече Петар Пан на Венди кога таа го запраша: Што ако паднам? – Ох моја драга, но што ако полеташ?
И повторно дојдов до тоа ако… Што ако?
Излегов од таа комфор зона. Од таа удобност, од тие правила и оваа година си го ставив животот на тест… Па да видиме што ако. Слушав: „Многу обврски си зеде на грб, не можеш.“ Но, по милионити пат би констатирала. Дали некој го разбира тој порив. Ако тие идеи не се „исфрлат“, голема е веројатноста да се заклучи дека паметниот и лудиот ги поврзува само една тенка жичка. На крај краева како би се родила Мона Лиза, ако Да Винчи се зафател со друга работа… Што би било со Салвадор Дали ако имаше граници?
Од оваа година научив дека треба да го слушаш сопствениот порив, инстинкт, она што ти го шепоти душата. Но, оваа година научив и дека некои приказни за жал… навистина не заслужуваат крај, заслужуваат да живеат, убави се… Но, колку да им се противиме, колку и да ги љубиме, едноставно.. таму им е местото.
Пишувам сценарио поврзано со времето, со тоа течение, што ме натера да размислувам и околу тоа време. Почнав да барам литература, да испитувам, да влегувам подлабоко. Кое е тоа време? Дури некаде прочитав, дека времето едноставно и не постои. Колку долго е засекогаш? – Понекогаш само една секунда…
Оваа година уште еднаш сфатив дека треба да останам доследна кон она мое верување во судбина. Имам многу размислувано на оваа тема, како и секој. И секако, ние сме тие кои носиме некои одлуки, но и тука се наоѓа тоа време. Зошто баш донесувањето на тие одлуки се случува токму тогаш. Токму во некои моменти кои не си ги очекувал.
Верувам дека се е со причина на овој свет. Дека ништо не е за џабе.
Но, над сето тоа време, е тоа течение кое треба и мора човек да го препознае. Треба да знаеме кога е време да се качиме на тој воз. А тоа не може некој да ти го шепне. Тоа не може некој да ти го нацрта. Тоа едноставно е оној внатрешен глас кој ти вели направи го. Прашуваш: Зошто? – Ќе видиш!
Сѐ се случува со причина, дури и најшокантните приказни. Ќе го земам примерот на раѓањето на приказната за Франкештајн. Таа била најпеколна година за општеството. Годината кога постојано паѓало снег и зимата се задржала низ сите 12 месеци низ светот. Ако не врнело снег, врнело дожд. А така Мери Шели заедно со неколку пријатели се досадувале во дворецот. Времето било тмурно, лошо, тажно..
Владеела немаштија, болести, кражби…Општествено безредие, анархија. Дождот не престанувал, а Мери го родила Франкештајн. Нели е тоа прекрасно? Не за Франкештајн, ами друг ми е муабетот. Магијата се случува тогаш кога не ја очекуваш, но треба да ја препознаеш. До ден денес, романот има исклучително влијание врз литературата и врз популарната култура. Создаде целосен жанр на хорор приказни, филмови и драми. И ден денес зборуваме за него, а Шели всушност се натпреварувала со нејзиниот иден сопруг Перси Б. Шели и Лорд Бајрон за тоа кој може да ја напише најдобрата хорор приказна.
Ако не знаеш каде да одиш, тогаш не е важно кој пат ќе го фатиш. Но, што пак ако знаеш што сакаш, а ако сето тоа изгледа скоро и невозможно? За што сте вие? Да го слушаме нашиот инстинкт или за удобна зона? И пак…таа мисла. Најголемиот ризик е воопшто да не ризикуваш.
А за староста, ќе го искористам постот на Крајчевска кој го имплементираше во процесот на работа на „Вујко Вања“ на Чехов, патем уште едно нешто по кое ќе ја паметам годинава, по театарот. Некако сѐ се врти околу таа театралност, травестија, и да…староста: „Трагедијата на староста не е во тоа што човек старее. Tуку во тоа што останува млад по душа, и сака на секој начин да живее. А живеењето е најретката работа на светот. Повеќето луѓе само постојат. И се оттуѓуваат.“
Да живееме! Среќна Нова 2025 година! Разбудете го Петар Пан и не плашете се да полетате.