Ретроспективна изложба на Јован Димовски во Галеријата ,,Ранко Струмениковски “

Дела на сликарот Јован Димовски (1928 – 2000), еден од големата петорка на битолската група ВДИСТ од 1955 година, се изложени на ретроспективната поставка во Галеријата ,,Ранко Струмениковски “. Свеченото отворање на изложбата се случи на 14 февруари во присуство на голем број поклоници на ликовната уметност, како и роднини на сликарот Димовски.

Свеченото отворање беше збогатено со настапот на музичкото дуо ,,Талас” составено од Петар Христов и Гоце Ристевски кои изведоа срхаична музика на стари и ретки жичени инструменти, лаута и турска лира.

Сеќавања за другарувањето со Димовски евоцираше уметникот Панде Петровски, кој се присети за работата во неговото атеље кај Дрвен Пазар во Битола и организирањето на една изложба на отворен простор во центарот на градот во почетокот на шеесеттите години на минатиот век.

На свеченото отворање присуствуваше и синот на уметникот, Жорж Димовски кој изрази благодарност за организацијата на антологиската изложба која опфаќа 80 дела од сите периоди на полвековното континуирано богато творештво на Јован Димовски, од првата слика, портрет од Академијата во Белград , до недовршената слика во Скопје од циклусот ,,Калинки “.

За вредностите на изложените дела говореше организаторот на антологиската изложба, галеристот д-р Драган Ристевски, чиј текс заедно со освртот на кустосот советник Владо Ѓорески се поместени во луксузниот каталог отпечатен по повод оваа монументална изложба.

Свеченото отворање беше заокружено со стихови на сликарот и поет Јован Димовски инспирирани и посветени на неговата Битола, а во врвна интерпретација на д-р Тања Струмениковска-Ристевска придружувана од музиката на дуото ,,Талас”, по што изложбата беше прогласена за отворена.

Инаку, дела на Јован Димовски се наоѓаат во многу колекции низ Европа и Америка, со оглед на фактот дека тој во својот живот остварил бројни студиски престои во многу познати светски културни средини и центри, од Њујорк, Париз Рим, Отава, Киев, Москва до Белград и Загреб.

[post_tags]