ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈА И ИЗЛОЖБА НА БИЛЈАНА ТОЛЕВСКА НАУМОВСКА

Во Галеријата ,,Ранко Струмениковски ” во Битола, во присуство на голем број присутни љубители на ликовната уметност свечено беше промовирана монографија за ликовното творештво на уметницата Билјана Толевска Наумовска .Објавата на монографијата со над 300 сликарски дела пред се акварели и лавири од уметницата Толевска претставува исклучителен настан за ликовната уметност и за издаваштвото кај нас, заради тоа што ваква објава не се случила во последните 10 години.Печатеното издание и монографијата во електронска форма идејно и конкретно е поддржано од Меѓународното графичко триенале од Битола.

Промоторот на овој исклучителен уметнички настан, галеристот д-р Драган Ристевски истакна:

-Лавираниот туш и акварелот се сликарски техники со кои Билјана Толевска Наумовска на уникатен и сопствен творечки начин, мошне успешно ја изразува својата ликовна креативност, внесувајќи многу емоција, мистика и енергија од длабочините на сопствениот дух и душа. Притаените и задскриени, длабоко лоцирани имагинарни сопствени духовни предели,Толевска на особено софистициран, контенплативен и изнијансиран начин ги преточува во монохроматски нијанси што ги создава со своите прецизни потези.

Творечката и изложбената активност на Толевска во последниов период е богата и плодна. По самостојната изложба во ДЛУБ кога беше примена за редовен член таа свои самостојни изложби имаше и во Ресен и Охрид, а синоќешната и беше четврта по ред изложба за неколку месеци.

Во меѓувреме таа постана член на неколку престижни меѓународни сликарски асоцијации како Mail Art, Ex Libris и AAMA од Пекинг.На промоцијата говореше и Владо Ѓорески, виш кустос за современа уметност кој ја нагласи важноста и вредноста на оваа ликовна појава и пред се издавачки потфат со печатењето на ексклузивната монографија на акварели и лавири на Билјана Толевска Наумовска , која претставува своевидно сликарско откритие на духот и духовноста.За крај, срдечно и со возбуда , уметницата Толевска им се заблагодари на бројните присутни на промоцијата, изложбата беше отворена , а монографијата свечено промовирана. С.Р.

[post_tags]