Романтичната словенечка комедија „Нешто слатко“ ја доживеа својата премиера пред битолската публика на 27 Мај во нашето 3Д кино. Имено „Нешто слатко“ (Nekaj Sladkega) е во режија на ТВ-ѕвездата и стендап-актерот, Тин Водопивец од Словенија, а актерите Јелена Јованова и Сашко Коцев ги играат главните улоги.
Идејата на филмот, според режисерот била да создадат нешто толку интересно и забавно што ќе ги натера луѓето да заборават на сѐ гледајќи го. Филмот ги задоволи апетитите на битолската публика и ја оствари посакуваната комуникација помеѓу актерите на филмското платно и ние како перцепиенти.
Имено, оваа комедија зборува и за нешто друго. За постоењето на два светови, оние кои ги гледаме и навидум ги знаеме и оние кои се случуваат „зад сценaта“. Следејќи дел од кариерата на една организаторка на конференции (Јелена Јованова), приказната не носи до токму оние нешта кои се случуваат зад тие „кулиси“. Сашко Коцев, како маркетинг гуру од Македонија треба да присуствува на извесен настан кој го организира таа, но неговиот несериозен пристап и хедонистички стил на живот, е онаа појдовна точка од каде всушност започнува заплетот. Тој го пропушта летот за Љубљана, а организаторката е приморана да избегне катастрофа што ќе влијае на нејзиниот кариерен развој, па го заменува со еден локален слаткар кој изгледа исто како него.
„Сакавме да направиме филм за првата и последната шанса во животот на човекот, за лажно и погрешно или какво било идеализирање и идеологизирање на луѓето, на некои одредени личности и за она што во светот прави и војни, а се вика пи-ар. Пи-арот е наша секојдневница, може да те направи бог и може да те направи просјак. Сите тие големи работи сакавме да ги ставиме во еден филм, но да го направиме тоа на еден питок начин, па го сместивме во жанрот, романтична комедија. Сите ќе кажат ова е комерцијален филм, така? Јас велам: Што значи комерцијален филм? Низ годините станал еден термин кој звучи потценувачки. Секој филм треба да биде комерцијален. Публиката ќе дојде и ќе ужива во филмот и после ќе оди на пијачка“, рече Коцев на една од проекциите за новинарите, пренесува сакам да кажам – sdk.mk.
Сашко Коцев кој е потпишан и како копродуцент и како косценарист, како и секогаш е мастрален во изведбата. Двете улоги кои ги игра се доказ дека актерот навистина умее да се трансформира и секогаш одново да ја насмее публиката во негов стил. Сепак, како што кажуваше актерот во бројни интервјуа, филмот бил голем ризик за словенечката публика. Затоа што идејата била хуморот да се прилагоди на словенечкиот менталитет, а од друга страна, во главните улоги се македонци. Сепак, тој помина одлично во Словенија и ги наполна кино салите.
Преплетите, забавната содржина, конфузните ситуации ја прават оваа приказна достојна за филмско платно.
„Нешто слатко“ е навистина слатко уживање. Филм кој навистина ќе ве опушти и ќе ве натера да заборавите на сѐ. Не пропуштајте го ова забавно искуство и погледнете ги проекциите во 3Д кино Битола:
Сабота – 3 Јуни во 19:30часот
Понеделник – 5 Јуни во 21:30часот
Втрник – 6 Јуни во 21:30часот
Четврток – 8 Јуни во 21:30часот