ИЗЛОЖБА НА ИЛУСТРАЦИИ НА НАРОДНИ ПРИКАЗНИ ЗА ДЕЦА ОД ВОДЕН И ВОДЕНСКО

ИЗЛОЖБА НА ИЛУСТРАЦИИ НА НАРОДНИ ПРИКАЗНИ ЗА ДЕЦА ОД ВОДЕН И ВОДЕНСКО

Во присуство на голем број поклоници на ликовната уметност од Битола како и гости од Грција, во Галеријата ,,Ранко Струмениковски” синоќа беше отворена изложба на илустрации на академскиот сликар Јанис Происос од Солун.

Илустрациите се инспирирани од народните приказни за деца од Воден и Воденско, а забележени кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

За значењето на народното творештво на отворањето зборуваше д-р Драган Ристевски кој истакна дека народните приказни за деца од Воден и Воденско со векови опстојувале и биле дел од духовната традиција на народот, пренесувајќи јасни пораки за човечките вредности, чесноста, мудроста и воспитната улога кај младите генерации. Тој нагласи дека овие приказни се создадени во услови на народниот живот, пренесувани од поколение на поколение и претставуваат значаен дел од нематеријалното културно наследство.

За врските со Битола и родното место Пателе говореше сликарот Јанис Происос кој рече дека за него Битола има голема емотивна вредност, бидејќи тоа е градот каде живеело семејството на неговиот татко. Тој упати благодарност до организаторите и до сите кои придонеле да се реализира изложбата и истакна дека чувствува обврска народните приказни да се сочуваат и пренесат на идните генерации, нагласувајќи дека илустрирањето на оваа збирка за него е чин на одговорност и почит кон предците и корените.

За ликовните вредности кустосот советник Владо Ѓорески нагласи дека Јанис Происос со својот антологиски цртачки зафат создава нови визуелни и ликовни наративи во илустрирањето, во силна корелација со врвните европски илустраторски достигнувања. Тој потенцираше дека илустрациите се исполнети со трајна светлина и колорит, автентичен, хармоничен и ритмички израз, со силна духовна и фолклорна длабочина, преку кои народната приказна добива нов живот и современ визуелен јазик.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на годинава, а меѓу најбројните посетители ќе бидат учениците од основните и средните училишта од Битола бидејќи таа, покрај естетско-уметнички, има и едукативен карактер.

Изложбата покрај битолчани ќе ја видат и граѓаните на Ресен.

[post_tags]