… Едно јаболко секогаш во предност. Да го делат, распарчат, оттуѓат. Која е оваа земја? Што е Македонија?
,,Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава само да ме сакаш! “
… И колку и да молчиме тие сме во неа. И колку и да бегаме ние сме за неа! За оваа земја! Што е Македонија?
,,Ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам… Само да ме сакаш!”
Те молиме и сакаме, а потоа туку така пресиазол ќе те врземе и со,, умилкување” мислиме ќе те добиеме!
,,…Ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица, само да ме сакаш.”
…Понастрана од извесни „лизгави“ идентитети со вишок доза на интелектуална амнезија, на терен на уметноста, на терен на историјата, културата, литературата, ќе забележиме:
Македонија не е метафора, не е ни историска збунетост, ни конфузна метаморфоза. Македонија не се менува. Таа е достоинство. Македонија и македонците постојат, само различно ја сонуваат и доживуваат.
Конески сонувал за тоа достоинство. Како еден од најзначајните кодификатори на современиот македонски литературен јазик, раскажувал за оваа земја гласно и се нурнувал најдлабоко во сопственото и ,,нејзиното его”. Пробал да го каже и разбери својот сон за на крај, во еден стих да забележи: „Не сетивте… ни колку може да навреди жена“. Низ репликава, со тивок, но упорен стоицизам, Конески уште тогаш истакна уникум: храбро да се истрае својата судбина.
Што е Македонија? Која ни е судбината?
„Свеста и чувството дека си Македонец треба да стојат повисоко од се друго на светов! ” велеше Мисирков.
Ја сонуваа оваа земја, а која е сега? Стоиме ли високо? Што е Македонија?
Ама Војдан знаел оти солзите најубаво ќе објаснат што значи достоинство. Му се сонело свадба, крвава свадба. Така ја нацртал Цвета и ни ,,шепнал” за тој непокор, авангардност, фолклор и етнички уникум.
Што е Македонија?
,,Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе… “
За Македонија или си или не си!
Македонија има свои сонувачи! Свое ексклузивно право да го слави бардот на сонцето, своето небо. Црвено небо низ жолти зраци! Македонија има сѐ и не е мит, не е легенда! Не е само реплика кажана на филм! Македонија има повеќе да отпее, да блесне, да свика, да се разбуди! Да не разбуди!
Пишува: Елена Трпковска Наумовски