Дали лошите луѓе постојат?!
Што е лошо и што е добро? Кои сме пак ние да одговориме или судиме? Колку сме разбудени и свесни кон себе си? Во која категорија спаѓаме? Дали сме самокритични?
Милион прашања, малку одговори. И за се е ,,виновна” свесноста. Колку сме се развиле како карактери, зависи од тоа колку и како се доживуваме.
Кога би постоело само добро и зло, црно и бело, сонце или дожд, масло или вода, сол или шеќер, со што би се споредиле? Ние сме тие добрите или лошите луѓе? Колку и кога се преиспитуваме себе си? Имаме ли воопшто време за тоа? Го сакаме позитивецот како лик во филм или му се восхитуваме затоа што сме негативец. Така е. Во сечија приказна можеме да бидеме различни. Сигурно и јас сум им на многумина негативец, но што знаеме ние за нас?
Време е да се оддели време од ова брзо живеење и конечно да ги испразнеме полиците и да го исчистиме умот. Барем од време на време да ја избришиме таблата, за потоа одново да напишеме нешто или да ги тргнеме сите тие недостатоци, па конечно да се одлучиме на кое поле играме. Со кои шаховски фигури напаѓаме? Играме со црни или бели? Сакаме ШАХ ИЛИ МАТ?
Постоењето не е доволно за да се живее. Потребно е повеќе. Најпрво треба да го знаеме противникот, а потоа да влегуваме во дебата, па дури и конфликт.
Но, за жал… Многу често противникот е длабоко во нас. Откријте го, спознајте го, разбудете го и потоа во црното ставете малку бело, во белото црно и конечно… Балансирајте!