Разбирање, резонирање, расудување и осуда

Што носиме во душата? Какви ни се мислите? Таков ни е и животот! Разбираме или судиме?

„Се додека не го освестите несвесното, несвесното ќе го води вашиот живот, а вие ќе го нарекувате тоа судбина“ – вели Карл Јунг. „Размислувањето е тешко, затоа поголем број на луѓе осудува“. Разбираме или судиме?

Многу често слушаме како некои луѓе сведочат за настани од типот „се плашеше од… и тоа го снајде“. Застанувајќи на момент да размислиме што тоа значи, и слушајќи ги оние кои доста поминале во животот, доаѓаме до една констатација, која е веќе спомената но, во скриена форма, дека од мислата произлегува зборот, а зборот може да стане вистина и да се манифестира/материјализира – односно да не снајде. Многу често се вели биди позитивен, размислувај позитивно и позитивното ќе ти се случи. Можно ли е?

Мајка Тереза во еден момент рече „Овој свет е гладен за љубов“. Го разбираме ли ова?

Разбираме

Освестениот човек ја бара суштината, ја бара вистината, ја бара љубовта, и со еден збор посакува што подобро да разбере, да ја свати едноставноста кај луѓето, настаните, природата, случувањата. Разбирањето станува резултат или последица на резонирањето и расудувањето. Колку повеќе аспекти се расудуваат, толку повеќе ќе се долови резонот, и стануваме по свесни, и поразбрани личности. Со разбирањето, најчесто го добиваме и сопствениот спокој и мир. Разбравме, и веќе имаме и доволно информации да донесеме свесна одлука, како понатаму. Кога одлуките се свесно донесени, сме ја решиле загатката, сме ја донеле нашата одлука (па и да е погрешна, нема кого да судиме подоцна). Едноставно е, така почнуваме да учиме и за себе.

Со расудувањето, резонирањето и разбирањето, ги воспоставуваме сопствените ставови, а со тоа и сопствените дејствувања во општеството воопшто.

Влегувајќи во сопствен баланс, ние почнуваме да практикуваме тактичност, а и среќата доаѓа како резултат на нашето задоволство со себе си, од тоа каков човек стануваме разбирајќи се себе си. Преку себе си, полесно ќе ги разбереме и другите. Но, и обратно. Трудејќи се да ги разбереме другите, ние во суштина се разбираме самите себе.

При очи, ќе бидете слепи“- за какво слепило се зборува? Дали е ова нашето слепило во кое остануваме заглавени не сакајќи да размислуваме, да препознаваме, да расудуваме, да резонираме? Станува ли збор за слепилото на „не разбирањето“?

Сме ја читале животната приказна на Цар Соломон, за неговата голема мудрост, но и разврат, и неговата лакомост за многу луѓе, особено жени во негово присуство. Се вели дека жените по природа и по психологија се анализатори. Сме се запрашале ли од каде доаѓа мудроста на Цар Соломон, дали е можно човек да се роди мудар? Или е тоа резултат на неговото освестување, преку другите кон себе си, или обратно тргнувајки од себе разбирањето кон останатите?

Разбираме

Се поставува и прашањето зошто некои луѓе ги нарекуваме ограничени личности? Дури и не ги сакаме во наше друштво? Што им е заедничко? – Судат, а имаат ли за тоа право или причина?

Најчесто имаме позитивни судења, кои се граничат со негативно судење. И се чини дека настанува хаос! „Ајде време е да се ожениш и да имаш деца“’; „Ништо од тебе, факултет ако не завршиш, си го зафркнал животот“; „Види ја онаа, треба да си ја гледа фамилијата… а не да се шета“ и илјадници осуди кои секојдневно ги слушаме наоколу. Од ваквите осуди дали може да кажеме дека личноста која суди се разбира себе си, и воопшто дали се обидела да го разбере другиот, оној на кого му суди? Дали е ваквиот човек во сопствен баланс? Има ли барем малку мудрост во ова? Секако дека не, тоа се не резонирани испади, кои стихијно во сопствените ограничувања само се истураат наоколу.

Останува да одлучиме, ќе стануваме личности кои ги разбираат нештата или личности кои судат наоколу? Разбираме или судиме?

Пишува: Клаудија Лутовска