Никогаш нема да бидеш целосно подготвен за титулата,, татко”, иако си мислел дека си! И тоа е во ред!
Колку и да читаш книги, да гледаш туторијали, да го прашуваш другар ти кој е татко на три – четири деца, нема да ја знаеш вистинската лекција која всушност почнува кога првпат ќе те разбуди плач во 03:15. И не! Нема да знаеш ни дали си на овој свет или во друга димензија. Ќе ти стане убаво. Ќе ти стане љубов! И тогаш ќе разбереш..
Прости се со тишината. И со далечинското. И со телефонот
Тишината ќе ти стане луксуз, а „твојата“ серија ќе се претвори во долгометражен цртан филм кој ќе го гледаш секој ден. Далечинското? Телефонот? Сега ќе бидат играчки кои служат за џвакање, криење под креветот и по можност (доколку има и најмала шанса) ,,ненамерно” рушење на телевизорот 😊
Секоја ноќ е нова авантура, а твоите долги разговори, скролања или излегувања, ќе се претворат во најубави приспивни бајки
Ќе легнеш со план да спиеш и да сонуваш, а ќе се разбудиш со шише млеко во едната рака, плишано мече во другата и чорапче на челото. Нема да знаеш како стигнало таму, ама ќе се насмееш. И ќе продолжиш.
Некои муабети ќе ги нема. Ќе нема многу приказни.. А оние старите разговори со другарите, сега до некаде ќе станат муабети за пелени!
Порано дискутиравте за фудбал или можда уметност.. Или работа или девојки… Сега, најголемата дебата е „дали да земам влажни марамчиња со алое или без?“ Добредојде во новиот клуб, пријателе.
Љубовта кон дете не се опишува. Те тресе, ти го кине срцето, и ти го лепи назад. И така.. Треба да биде!
Кога првпат ќе те погледне тоа мало човече кое и не мора ни да зборува – знаеш! Стануваш свесен! Ова е нов почеток. Нова верзија од тебе. Се друго треба, мора и ќе биде зад тебе!
Подготви се да се расплачеш… и од среќа и од умор
Да, и мажите плачат. Од фотки со нивните бебиња, од првите нивни зборови, првите чекори… Првото ,,тато”. А да… Можеби ќе заплачеш и по некој пат кога ќе стапнеш бос на Лего коцки.
Одлуката да станеш родител е поголема отколку што можеш да замислиш!
Ова не е само „ќе имаме дете“ или ,,сакам да оставам поколение”. Ова значи дека ќе го водиш некого низ животот. Ќе бидеш пример. Херој. И најчесто – шофер без права на музички или било каков избор.
Прости се со верзијата на себе што ја знаеше. И поздрави ја подобрата.
Ќе се изненадиш колку љубов, трпение и сила има во тебе. Секоја ноќ ќе заспиваш со помалку енергија, ама со повеќе срце. И тоа ти е новата супермоќ.
Биди присутен. Не е важен подарокот, важна е прегратката!
Децата ќе заборават што им купи, ама нема да заборават како си ги гушнал после страшен кошмар. Не ти треба да си совршен. Треба да си нивни. Само и само нивни!
И да, ќе си заљубен. Пак. И силно. И највистински!
Само овој пат, љубовта ќе има мали прстиња, ќе те вика „тато“ и ќе ти го украде срцето секој ден одново.
П.С. Ако мислеше дека родителството и да се биде татко ќе биде романтичен филм, не е. Повеќе личи на слатка комедија со елементи на акција. Но тоа е твојот филм. И ти си главниот лик.
Добредојде во најголемата, најлудата и најубавата авантура во животот.