Крофни од старите добри времиња – Рецепт за носталгија

Крофни од старите добри времиња носат со себе вкус на детство и топлина на домашното готвење.

Овие крофни ќе ве вратат во времето кога кујната мирисаше на свежо испечени крофни, а секој залак беше полн со љубов и спомени. Никој не умее да ги направи како баба. Тајната, велеше таа, е љубовта која ја внесуваш во секоја состојка.

Нашите баби користеа свинска маст, која им даваше на крофните текстура која не може да се спореди со ништо друго. Токму таа состојка, внимателно замесена со нивната умешност и грижа, ги правеше овие крофни, ремек дело на домашната кујна.

Денес, иако можете да најдете крофни полнети со сешто – од крем од ф’стаци до чоколадо, ништо не може да се спореди со старомодните празни крофни. Тие го носат мирисот на детството, на фамилијарните собири и радости, особено кога се правени по рецептот на нашите баби.

Сите го знаеме она слатко чувство на  радост кога купуваме крофни од продавачите на плажа кои весело извикуваат: „жешки крофни, жешки крофни!“ Кога ги земаме в раце, ги префрлуваме од едната во другата дланка и нестрпливо чекаме да се подоладат. Ги вкусуваме и се враќаме на сите радосни моменти од минатото, овде и сега. Создаваме нови спомени, полни со топлина.

крофни

И еве, конечно стигнавме до делот што го чекавте! Дали ме истрпивте? Дали ме дочитавте до тука? Ако да, време е за највкусниот дел – рецептот што ќе ви ги  врати сите оние слатки спомени.

Состојки:

-500 гр. брашно

-60 гр. свеж квасец (или 14 гр. сув квасец)

-250 мл. млако млеко

-2 лажици шеќер

-жолчки (2)

-2 супени лажици свинска маст

-1 лажичка ванилин шеќер

-прстофат сол

-шеќер во прав за посипување

-масло за пржење

Подготовка:

Ако користите свеж квасец, издробете го и измешајте го со шеќерот и малку млако млеко. Оставете го да запени.

Во друг сад изнешајте го брашното, ванилата и солта. Додадете ги жолчките, маста,  преостанатото млеко и замесете мазно тесто.

На набрашнета површина месете го тестото околу 10 минути додека не стане еластично. Оставете го да нарасне на топло место околу еден час.

Кога тестото ќе нарасне, расукајте го и исечете кругови. Оставете ги да нараснат уште 30 минути.

Пржете ги на загреано масло додека не добијат златна боја. Откако ќе ги извадите, посипете ги со шеќер во прав.

Овие крофни се совршени сами по себе, но можете да ги послужите и со мармалад, чоколадо или сладолед за дополнително задоволство. Тие се совршен спомен од минатото кој го разубавува било кој ден од седмицата.

пишува: Ромина Марковска

Извор